Station dock, или станиците за приклучување на лаптопот, земаат се поголем замав, особено поради зголемената функционалност на целиот компјутер, како приклучувањето кон поголем надворешен дисплеј. Најновиот ваков производ на Dell е различен од досегашните – целосно безжично се поврзува со вашиот лаптоп/таблет, благодарение на Wireless Gigabit (WiGig) технологијата на Intel, која дозволува високи брзини на пренос на податоците.
Секако, за да работи оваа станица, треба да имате и лаптоп, односно ултрабук или таблет кој е компатибилен со WiGig технологијата, а Dell ги препорачува нивните модели Latitude 5000 и 7000, со петтата Broadwell генерација на процесори на Intel со TriBand Wireless-AC17256 можност. Самата станица буквално изгледа како мини десктоп компјутер, кој може и така да се третира, со тоа што целосно ќе ја користи процесорската моќ и меморијата на лаптопот.
Dell Wireless Dock доаѓа со три USB 3.0 приклучоци, два USB 2.0 приклучоци, на кои можат да се приклучат маус и тастатура, VGA и HDMI порти за надворешен дисплеј, како и можност за LAN поврзување на интернет. Wireless Gigabit безжичната конекција со која ќе се поврзува со лаптопот е исто така целосно заштитена и енкриптирана, па нема да треба да се грижите дека некој друг ќе го користи вашиот компјутер.
Безжичната лаптоп станица на Dell има цена од 270 долари, што е многу повеќе во однос на „жичните“, односно станици кои имаат физички контакт со лаптопот/таблетот, но тука сепак се работи за нова технологија, која штотуку треба да почне да зема замав на пазарот. Иако првично ќе се нуди како опција кај лаптопите, се чини ќе стане попопуларна со лансирањето на Windows 10 таблетите со Continuum можноста, која го менува оперативниот систем зависно од тоа на колкав екран се прикажува.
Извор: ZDNet