Кинеските производители задаваат се поголеми и поголеми удари на конкуренцијата. Еден од најголемите од најнаселената земја во светот, Elephone, ќе лансира телефон од високата класа, кој ќе има “dual boot” опција за Android и Windows 10 и ќе чини 299 долари
Elephone ќе понуди две изведби на моделот. Првата ќе биде со MediaTek 6795 процесор со осум јадра и 3 GB рам и оваа ќе работи само со Android, бидејќи Windows 10 нема да поддржува вакви процесори. Оваа изведба ќе има и помала батерија и тоа 3800 mAh и камера со 20.7 мегапиксели. Оваа изведба ќе чини 299 долари.
Втората изведба е онаа која ќе може да работи со Android и Windows 10 Mobile и ќе има Intel Atom процесор со 3 GB рам меморија, камера со 21 мегапиксел и импресивна батерија од 4200 mAh. Камерата тука ќе има 21 мегапиксел и понов, подобар сензор. Цената на оваа, помоќна изведба се уште не е позната, но може да се очекува да биде за 50 долари повисока.
Останатите спецификации се исти меѓу двата телефони – екранот е 5,5 инчен и има извонредна QHD резолуција од 2560х1440 пиксели, додека во телефонот има 64 GB простор за складирање податоци, што е импресивно за цената и читач на отпечатоци за прсти во задниот дел.
Она што е најинтересно кај овој модел, како и кај секој друг Windows 10 Mobile телефон кој ќе се појави на пазарот, е Continuum можноста, која ќе овозможи користење на телефонот како целосен Windows 10 компјутер на поголем екран. Со оглед на тоа што овој модел ќе има Intel Atom процесор, може да се претпостави и дека ќе може да пушта и стандардни Windows програми, што би било во најмала рака импресивно.
Верзијата само со Android ќе биде претставена на 30-ти септември, додека онаа со двата оперативни системи на 10-ти октомври, кога Microsoft треба да ги претстави и своите Windows 10 Mobile уреди.