fairphone-27-980x652

Project Ara на Google беше помпезно најавуван веќе подолго време, но тој модуларен телефон никогаш не стигна на пазарот. Затоа, тука е Fairphone 2, првиот телефон со можност за лесно менување на деловите, иако не на нивото кое го најавуваа Google со нивниот уред.

Fairphone е друг тип на уред. Овде, корисникот нема да може да ги менува компонентите како процесорот, рам меморијата или капацитетот на просторот за складирање податоци, но затоа ќе можете пак да ја промените камерата со подобра во иднина. Сепак, главната идеја кај Fairphone е да биде лесен за поправање, односно секој корисник да може самиот да го направи тоа.

fairphone-13-980x652

Телефонот е составен од седум различни делови кои можат лесно да се состават и се поврзани со завртки со иста големина, за да немате проблем при повторното составување. Седумте делови се: заден поклопец, батерија, дисплеј, главна шасија, модул со антени, модул за задната камера и модул со звучник.

Fairphone 2 ќе има целосна поддршка со нови делови кога и да му затребаат на корисникот. На пример, доколку ви се скрши дисплејот, можете да купите нов за 71,5 евра, нова батерија пак чини 18,15 евра, додека нова матична плоча со сите вградени чипови чини 118,65 евра. Од друга страна, ова значи дека во иднина Fairphone би можел да лансира и подобар дисплеј, односно матична со помоќни компоненти во иднина, па корисникот не би требал да купува друг уред за да биде во текот со технологијата.

fairphone-24-980x652

Во старт, телефонот е опремен со 5 инчен дисплеј со Full HD резолуција и Gorilla Glass 3 стакло, Snapdragon 801 процесор, 2 GB рам меморија, 32 GB простор за складирање податоци со можност за проширување преку micro SD картичка, задна камера со 8 мегапиксели, батерија со капацитет од 2420 mAh и два слота за micro SIM картички.

Fairphone ветува 5 години поддршка за моделот, која ги вклучува сите компоненти, но и надградба на софтверот, што е навистина долг период и е за пофалба. Во моментов, Fairphone 2 е опремен со Android 5.1 Lollipop и чини 525 евра, а може да се нарача со Google сервисите, но и без нив (без Play Store).

Извор: ArsTechnica

Претходна статијаDomino’s Pizza ќе користат специјални автомобили-печки
Следна статијаNike ги создадоа самоврзувачките патики од „Враќање во иднината“