Најголемиот кинески производител на паметни телефони овој месец треба да претстави ново трио на Mate смартфони, чиј носител ќе биде новиот Mate 10 Pro, телефон кој ќе има издолжен 18:9 дисплеј со многу мала рамка во долниот и горниот дел, двојна камера назад и напредни можности со вештачка интелигенција благодарение на целосно новиот Kirin чип на компанијата.
Како што е обичај, Evan Blass од твитер веќе ја има и првата фотографија, на која може да се види исклучително допадлив смартфон, кој ќе се нуди во три различни бои и кој сигурно ќе привлекува многу погледи. Секако, во преден план е големиот дисплеј напред, кој најверојатно ќе брои 6 инчи во дијагонала, но тука и задниот дел изгледа подеднакво примамливо. Веројатно е излишно да се каже, но нетрпеливо чекаме да го видиме во живо.
Huawei Mate 10 Pro pic.twitter.com/3RgjObXmw6
— Evan Blass (@evleaks) October 1, 2017
Од фотографијата може да се потврди и дека Mate 10 Pro ќе има две камери со Leica оптика позади и скоро сигурно едната ќе има 12 мегапиксели, додека втората 20 мегапиксели. Напред пак ќе биде вградена камера со 8 мегапиксели, но главниот носитен на спецификациите ќе биде новиот Kirin процесор, кој ќе има вграден посебен чип за вештачка интелигенција, кој според Huawei ќе биде најдобар во светот. Ќе биде вистински интересно да видиме какви можности ќе понуди овој чип.
Huawei Mate 10 Pro ќе биде претставен на 16 октомври на посебен настан во Минхен, заедно со Mate 10 и Mate 10 Lite.
Извор: The Verge, XDA, Android Central