Продажбата на таблетите продолжува да опаѓа и особено во Android светот, немаме видено некој нов модел кој вистински може да го размрда пазарот. Корејскиот производител LG има нов натпреварувач, кој делува како солиден модел, а има и модерен дизајн со многу мала рамка околу екранот.
Во внатрешноста, вграден е веќе стариот Snapdragon 800 процесор, кој работи на 2,26 GHz, помогнат од 2 GB рам меморија. Овој спој можеби не делува импресивно по денешните стандарди, но би требало да овозможи прилично мазна работа низ оперативниот систем, како и солидни перформанси во 3D игрите.
Дисплејот има големина од 10,1 инчи и резолуција од 1920х1200 пиксели, што е просечно, но веројатно доволно остро за повеќето корисници. Капацитетот за складирање податоци изнесува само 16 GB, но за среќа може да се прошири преку micro SD картичка. Камерите имаат 5 мегапксели назад, односно 2 мегапиксели напред.
Батеријата има капацитет од 7400 mAh, што треба да биде доволно за 10-тина часови користење. Таблетот инаку доаѓа со Android Lollipop 5.1.1, но со LG скин над него. Однадвор, G Pad II 10.1 се карактеризира со заоблен дизајн, но и со мала рамка околу екранот, која оддава модерно чувство.
И покрај тоа што се работи за 10 – инчен таблет, од LG нема информации за дополнителна тастатура, која во големо би помогнала во употребливоста на уредот, особено бидејќи уште во старт е вграден Microsoft Office со 100 GB простор на One Drive.
Сите овие спецификации се секако солидни, но со сигурност не се доволни за да ги вратат Android таблетите на сцената, односно воопшто да го раздвижат пазарот на вакви уреди. Едноставно, се чини како ваков таблет да сме виделе досега…
Засега, немаме информации за цената на G Pad II, но би требал да биде подостапен и поевтин од iPad Air.
Извор: Techno Buffalo, GSM Arena