Телефоните со ознака “A” во Galaxy серијата, добиваат се поголема популарност, благодарение на луксузниот дизајн, со многу употреба на алуминиум и ултра тенките куќишта, иако по спецификации не можат да се мерат со “S” серијата, која и натаму е наменета за оние кои сакаат максимум од својот телефон.
Според протечени информации, најновиот од оваа серија, Galaxy A8, ќе го има најтенкото куќиште од сите Samsung телефони досега, со дебелина од само 5,9 mm, што е за 0,4 mm помалку од Galaxy A7. Ова го прави многу потенок од скоро сите конкуренти, вклучувајќи го и iPhone 6. Изработката ќе биде мешавина од пластика и алуминиум, како и сите Galaxy A модели досега.
Спецификациите исто така не се за потценување, иако не се на нивото на телефоните од највисоката класа. Snapdragon 615 процесорот со осум јадра (четири со 1,7 GHz, четири со 1,0 GHz), веќе се покажа како доволно силен за нормално работење низ оперативниот систем, дури и при користење на потешки апликации, иако не е најдобар за игри. Помогнат е од солидни 2 GB рам меморија, како и 16 GB простор за складирање податоци.
Големината на екранот е 5,7 инчи, со Full HD резолуција (1920х1080), што е солидна бројка со оглед на класата. Батеријата има зафатнина од 3050 mAh и покрај тенкото куќиште, па треба да се очекува долго траење со едно полнење. Слично како и Galaxy S6, и Galaxy A8 ќе доаѓа со камера од 16 мегапиксели во задниот, односно селфи камера од 5 мегапиксели во предниот дел.
Нормално, телефонот ќе се испорачува со Android 5.0.1 Lollipop, со најновиот Touchwiz скин на Samsung, кој дебитираше во S6.
Информации за цената на Galaxy A8 се уште нема, но и да ги имаме, новиот смартфон на Samsung веројатно ќе се продава само на кинескиот пазар. Штета, делува како вистински победник.
Извор: TechRadar