Последниот Galaxy Note модел кој се натпреваруваше на пазарот можеби помина неславно, но тоа не значи дека Samsung ќе престане да ја развива оваа линија. Имено, тие работат под полна пареа на нов Galaxy Note 8 модел, кој според првите информации, ќе биде веројатно најмоќниот смартфон направен досега.

Тука особено мислам на дисплејот, кој според најавите ќе има големина од 6,3 инчи, исклучително мала рамка (веројатно и помала од таа на Galaxy S8/S8 Plus), 18,5:9 сооднос на страните и 4K резолуција. Ова е мега висока резолуција за толкав дисплеј, разлика во однос на претходникот која скоро сигурно нема да може да ја забележите, освен ако не го користите телефонот во VR уред за гледање виртуелна реалност. Тогаш, со ваква резолуција, Galaxy Note 8 би бил еден од најдобрите уреди за гледање виртуелна реалност, воопшто.

Спецификациите ќе бидат исто така врвни – процесорите ќе бидат Snapdragon 835 или Exynos 8895, зависно од пазарот, помогнати од 6 или 8 GB рам меморија. Конечно, еден Galaxy уред од високата класа ќе добие и двојна камера, која ќе има ист состав како iPhone 7 Plus – првата леќа со сензор од 12 мегапиксели ќе служи за фотографирање со широк агол, додека втората комбинација на сензор со леќа е со потесен „зум“ агол и 13 мегапиксели.

Се најавува и дека Galaxy Note 8 ќе има скенер за отпечатоци под дисплејот, но има извори кои велат дека технологијата на Samsung за ваков читач сѐ уште не е подготвена за масовно производство. Ова би можело да биде и голем недостаток во однос на iPhone 8, кој најверојатно ќе има ваков читач за отпечатоци.

Galaxy Note 8 најверојатно ќе биде претставен во август, неколку недели пред претставувањето на iPhone 8, веројатно со цел Samsung да отцепи дел од купувачите на Apple.

Извор: TechnoBuffalo, Tech Spot, BGR

Претходна статијаКомпанијата Еликософт победник на МАСИТ наградите за иновативни ИКТ решенија
Следна статијаЕлон Маск: вештачката интелигенција ќе може да не победи во што и да било до 2030 година