Корејскиот гигант веќе работи под полна пареа на новиот Galaxy S7, особено по претставувањето на новите iPhone-и. Како и секогаш, неколку месеци пред претставувањето, веќе ги имаме и спецификациите за моделот.
Според бенчмарк мерења, Galaxy S7 ќе има целосно нов Exynos 8890 процесор на Samsung, помогнат од 4 GB рам меморија и нов UFS 2.0 тип на простор за складирање податоци, кој ветува повисоки брзини. Ова најверојатно ќе му овозможи повторно да биде на самиот врв во класата кога се перформансите во прашање, каде и актуелниот модел се уште е пред конкурентите.
Сепак, некои модели ќе бидат опремени со Snapdragon 820 процесорот, бидејќи Samsung не може да постигне толку големо производство на својот чип, особено откако почнаа да го вградуваат и во Note 5. Како и да е, и од овој процесор се очекува голем напредок во перформансите, па корисникот веројатно и нема да ја забележи разликата.
Се најавува и зголемување на екранот на 5,7 инчи, но јас одма би ја означил оваа информација како погрешна, бидејќи ако е така, S7 ќе се натпреварува директно со Note 5, нешто што Samsung секако не го сака. Како и да е, резолуцијата на екранот и натаму ќе биде Quad HD, односно за Ultra HD ќе треба веројатно да почекаме до наредната генерација.
Подобрена ќе биде и камерата, која сега се очекува дека ќе има 20 мегапиксели и истата ќе биде според ISOCELL технологијата, која треба да донесе големи подобрувања при ноќно сликање.
Samsung Galaxy S7 треба да пристигне во првото тромесечје од наредната година.
Извор: Techno Buffalo (1) (2), Venture Beat