Galaxy S9 ќе биде првиот знаменосец кој ќе биде претставен идната година и многу важен модел за Samsung, особено по претставувањето на iPhone X на Apple, кој ги зема сите насловни страни. Поради тоа, Samsung ќе направи низа подобрувања на својата најпопуларна серија, многу од нив очекувани, но нема да направи голема револуција во дизајнот како што некои очекуваа, што да бидам искрен и не е потребно
Така, дизајнот на телефонот ќе остане воглавно ист како на претходникот, со Infinity дисплеј кој е заоблен на страните, со таа разлика што сега рамката во долниот дел веројатно ќе биде многу мала, додека онаа во горниот ќе остане иста поради сензорите и предната камера. Назад, читачот за отпечатоци конечно ќе биде сместен под камерата, односно поблизу на дофат на показалецот, што е веројатно најголемиот недостаток на актуелниот модел. Од друга страна, ова веројатно значи дека S9 нема да има читач за отпечатоци под дисплејот, што е мало разочарување.
Сепак, ако можеме да им веруваме на овие нацрти, камерата назад нема да биде двојна како кај Note 8, што е трендот во високата класа, но како и да е, не мора да значи дека камерата мора да биде двојна за да биде добра, а најдобар доказ за тоа е Pixel 2 XL, кој има единечна камера назад, која е апсолутно најдобра од сите смартфони. Како и да е, се ќе дознаеме на крајот од Февруари, кога Samsung веројатно ќе ги престави Galaxy S9 и S9+.
Извор: Techno Buffalo, BGR, Tech Radar