Многу етаблирани производители на паметни телефони се обидуваат да извлечат максимум траење од батерии со прилично мали капацитети. Вградуваат штедливи дисплеи, штедливи процесори и останати компоненти, но батеријата и натаму е прилично мала. Решението на Gionee за подолго траење на батеријата е многу едноставно – тие имаат вградено две во нивниот нов луксузен модел.
Но, да се каже дека главна карактеристика на новиот M2017 смартфон на кинеската компанија е потценување за неговите останати квалитети. Ова е еден од ретките луксузни паметни телефони, целосно изработен од метал и кожа, кој барем вака на прв поглед делува како модел на ексклузивната компанија Vertu.
Телефонот има 5,7 инчен AMOLED дисплеј со Edge краеви и Quad HD резолуција, што е конкурентно на најдобрите смартфони во светот. Во внатрешноста е вграден Snapdragon 653 процесор, што е мало разочарување за оние кои трагаат по најдоброто во овој дел, но тој е помогнат од масивни 6 GB рам, што значи дека искуството при работење со смартфонот би требало да е прилично флуидно.
Како и многу други модели од високата класа денес и Gionee M2017 има две камери назад, едната со 12 а другата со 13 мегапиксели, кои имаат слични можности како iPhone 7 Plus. Нормално, во предното копче е вграден и читач за отпечатоци на прстите. Сепак, најголем адут на ова луксузно парче смартфон е батеријата, која има капацитет од фантастични 7.000 mAh, поделен на две батерии од 3.500 mAh! Ова е повеќе од многу 10 инчни таблети и е сигурно доволно за два до три дена агресивно користење – Gionee ветува постојано зборување од 32 часа и гледање видео од 26 часа.
Ако во било кој момент помисливте дека овој модел ќе биде евтин, бидејќи е кинески, многу ќе згрешите. Неговата цена во Кина се движи од 1.000 долари за моделот со 128 GB простор до 2.450 долари за моделот со 256 GB простор и кожа од крокодил. Да, добро прочитавте, најскапиот модел е облечен во кожа од крокодил. Ова се многу пари за каков и да било паметен телефон, макар бил и луксузен, особено што доаѓа со веќе застарениот Android Marshmallow 6.0 – ќе беше добро да ја имаше најновата верзија.