Spiral-2-prototype_088-960

Project Ara на Google започнува со работа, и тоа во Порторико. Ова е проект кој овозможува самите корисници да си изградат сопствен модуларен телефон преку бирање на процесор, РАМ меморија, внатрешна меморија, екран… Корисниците првенствено бираат рамка за телефонот, а потоа ги бираат модулите со кои ќе го оформат. Вакво нешто веќе беше претставено преку Moto Maker-от на Motorola (која беше купена од Google).

Сега Google работи на отворање на првата ефективна продавница на вакви уреди во Порторико. Порторико е под јурисдикција на американската FCC, има прогласено слободна трговска зона, поседува многу развиен пазар за мобилни телефони и е многу блиску до САД. Земајќи ги сите овие факти предвид не е ни чудно зошто од Google одбрале да го започнат Project Ara токму таму.

Корисниците ќе можат да си ги изградат своите телефони со две алатки: Ara Marketplace и Ara Configurator кои ќе работат како апликации. Од Google исто така ќе пуштат камиони кои ќе им овозможат на корисниците да ги видат и испробаат таквите телефони пред да направат свои, а веројатно и самата достава на новонарачаните телефони ќе оди преку овие мобилни платформи.

На почетокот ќе постојат од 20 до 30 модули сместени во 10 категории (процесор, меморија, екран…), но секако се очекува да се зголеми нивниот број потпомогнато од слободната трговска зона во Порторико која ќе овозможи увоз на модули од целиот свет без да мора да се поминуваат царинските органи кои редовно го закочуваат технолошкиот развиток со давачки.

Сегашниот дизајн се базира на таканаречениот Spiral 2 дизајн од Google кој специфицира уред кој може да се поврзе на 3Г мрежа, да обавува повици и да се управува со екран осетлив на допир. Но компанијата веќе ги има поставено спецификациите на Spiral 3 кој треба да овозможи 4Г повици, побрза комуникација меѓу модулите и повеќе опции за нагодување на истите.

Google исто така го претстави и Ara Manager, платформа/апликација за управување со разните модули и како тие комуницираат меѓусебно. Во некој телефон можеби ќе сместите две камери, па ќе сакате или да сликате со двете во исто време, или да извадат 3Д слика, или пак само едната да работи.

Ara Configurator е апликација која дозволува уредување на вашиот телефон преку повеќеслојно окружување во кое можете да зумирате, да тргнете некој слој и да го прегледате секој модул засебно. Тие кои ви се допаѓаат можете да ги зачувате на страна за да ги вклучите кога ќе треба да го нарачате телефонот.

Ваквиот проект е веројатно дел од технолошката револуција на преносните уреди која се случува пред нашите очи. Замислете можност да одберете или да докупите повеќе меморија за својот телефон, екран со подобра резолуција, или детектор на загадување или радиоактивно зрачење како модул. Можностите се неограничени и останува да видиме накаде ќе се движи Project Ara. Со оглед на тоа дека има поддршка од една од најголемите светски компании, веројатно иднината му е загарантирана.

Извор: The Verge1, 2, Engadget

Претходна статијаElon Musk ќе изгради тест пруга за развој на Hyperloop проектот
Следна статијаПејсмејкер за желудникот, треба да го намали чувството на глад