Кога купувате нова футрола за вашиот паметен телефон, често се случува да не можете да најдете позадина која ќе одговара на неа. Не и со „живите футроли“ на Google за новите Pixel смартфони, кои комуницираат со вашиот телефон и автоматски ја менуваат позадината со цел таа да одговара на футролата.
Google Earth Live Case ќе имаат испечатени слики од Google Earth, што значи дека ќе може да се изберат најразлични места од светот. Потоа, бидејќи футролата има NFC чип, таа комуницира со телефонот и ги менува позадините на вашиот почетен екран. Сите позадини ќе бидат од местото каде што е сликана фотографијата на футролата и ќе одговараат на неа, што секако ги прави визуелно привлечни.
Но, покрај футролата која ги менува позадините и прикажува егзотични места од целиот свет, Google лансира и Google Trends Live Case футрола која константно ќе ги менува најновите вести на вашиот почетен екран. Бидејќи се работи за вести од светот, кои најчесто нас не би не интересирале, оваа футрола би немала особена важност за македонскиот купувач. Исто така, да бидеме реални, ретко кој би сакал да чита секаков тип на вести во позадината на својот почетен екран.
И двете футроли ќе имаат прилично висока цена од 50 долари, но така е со скоро сите брендирани додатоци за телефоните. Тие засега кај нас не можат да се купат, бидејќи Google онлајн продавницата, Best Buy и Verizon, каде се достапни, не испорачуваат до Македонија. Секако, нив ќе може да ги купите доколку сте во странство или пак имате некој кој може да Ви ги донесе.
Извор: The Verge, Google, Pocket Lint