q_100

Сите кои очекувавте дека наскоро ќе можете сами да си ги менувате деловите од телефонот, еве една лоша вест – Google го прекина развојот на модуларниот “Project Ara” телефон.

За оние кои малку повеќе ги следат работите ова и не е неочекувана вест – модуларните телефони, особено Project Ara, се премногу комплицирани за обичниот купувач. Да, убаво е да се има можност да се менуваат компоненти на телефонот, но да бидеме реални, ретко кој воопшто ќе го прави тоа, а ваквиот телефон и го забавува развојот на софтвер за него.

Зошто е тоа така? Бидејќи оптимизацијата на Android е веќе проблем кај телефоните, бидејќи сите имаат различни компоненти, а ова само би ја влошило ситуацијата. Исто така, Project Ara, иако се ветуваше на почетокот, нема да овозможи менување на процесорот, што значи дека поновите верзии на оперативни системи ќе бидат ограничени при работењето на постар и побавен чип, ако и воопшто го поддржуваат (Android Nougat на пример не поддржува Snapdragon 800 и 801).

Project-Ara-hed

Ова значи дека и покрај тоа што корисникот ќе може да ги подобри хардверските можности на својот телефон преку менување на компонентите, тие нема да можат да бидат поддржани од нов софтвер. А ако не научивте досега – токму новите верзии на софтвер се оние кои донесуваат нови функционалности во вашиот уред, а не камерата со повеќе мегапиксели или процесорот со повисок работен такт.

Најголем проблем во развојот на Ara е сепак веројатно самиот Google, кој овој проект го влече веќе преку 3 години без скоро никакви резултати – од него гледавме само фотографии и видеа во кои видовме како се менуваат компонентите, но не и како вистински работи телефонот. Ова секако е доволно за еден проект да биде конечно прекинат.

На пазарот моментално има неколку делумно модуларни телефони, како LG G5 и новите Moto Z телефони, но тие немаат ниво на модуларност какво што ветуваше Project Ara. За жал, вистински модуларните телефони, барем во скоро време, нема да се случат.

Извор: Engadget, The Verge, The Next Web

Претходна статијаПродолжување на пријавите за SoMo Borac
Следна статијаHello е нов систем за видео конференции кој може да се вклучи на вашиот телевизор