Не е тајна дека наскоро Google треба да ги лансира новите Pixel 2 и Pixel 2 XL смартфони, но сега на интернет мрежата се појавуваат информации и за трет смартфон, кој веројатно ќе биде директен конкурент на iPhone X и Samsung Galaxy Note 8 и кој ќе има премиум карактеристики, многу новитети и најверојатно висока цена исто како таа на главните конкуренти.

Информацијата дека ќе биде лансиран ваков смартфон јас сѐ уште би ја земал со задршка, бидејќи е од YouTube каналот Mrwhosetheboss, кој тврди дека информациите ги добил на мејл. Згора на тоа, на видеото може да видиме дека телефонот е поставен на лаптоп, од кој е направена слика па потоа скриншот. Сето ова делува малку чудно, што не значи дека пак не е воопшто точно. Во моментов, јас би рекол 50:50.

Како и да е, според информациите овој смартфон ќе има дисплеј со многу мала рамка, што е веќе очекувано од смартфон од премиум високата класа. Исто така, задната камера ќе биде двојна – Pixel 2 и Pixel 2 XL и натаму ќе имаат само единечна задна камера. Во информациите се спомнува и нов тип за читач за отпечатоци на прсти, кој веројатно ќе се вградува во самиот дисплеј, што значи дека воопшто нема да зафаќа дополнително место на телефонот.

Најинтересна информација од сите е за софтверот кој ќе се вградува во овој телефон, односно верзијата на Android Oreo, од која ќе се исфрлат долните три копчиња за навигација. Поточно, со овој смартфон целосно ќе се управува со гестови и лизгање со прстите од краевите на телефонот, нешто слично како iPhone X. Ова не само што ќе биде голема промена за Pixel смартфоните, во иднина би била и многу голема промена за сите Android смартфони на пазарот.

Извор: Android Authority, SlashGear, Android Central

Претходна статијаLG лансира смартфон кој ги брка комарците
Следна статијаJargon ви ја носи вештачката интелигенција на македонски јазик