Тајванскиот производител своевремено беше најдобриот производител на паметни телефони меѓу Android конкурентите. Нивните смартфони имаат врвна изработка и високи перформанси, но тоа не беше доволно за да се спречи наездата од Samsung и кинеските производители. Bolt е најновиот телефон на компанијата кој сигурно нема да помогне да ги врати на сцената.
Додека HTC 10 е вистински добар паметен телефон кој веројатно поради високата цена и слабата промоција не беше особено добро примен кај купувачите, Bolt е телефон кој уште во старт е осуден на „пропаст“.
Имено, тие се ослонуваат главно на брзината на 4G модемот (преку 200 Mbps), кој според нив е најбрзиот во бизнисот. Исто така, тие велат дека ова е најважната карактеристика која ја бараат купувачите од еден телефон, бидејќи вистински го забрзува неговото користење, особено при стримање на филмови и видеа онлајн.
Сепак, кај купувачите се поважни многу други карактеристики. Така, за разлика од останатите телефони од високата класа од оваа година, Bolt има Snapdragon 810 процесор од претходната генерација, кој е познат по прегревањето, додека сите конкуренти имаат Snapdragon 820. Процесорот е помогнат од „само“ 3 GB рам меморија, а има 32 GB простор плус слот за micro SD. Батеријата исто така има капацитет од само 3.200 mAh, што е минимум за толкав телефон.
Според рецензиите , сето ова не е доволно за софтверот да работи брзо. Бидејќи телефонот е преполн со инсталирани непотребни апликации, рамот е веќе наполнет уште во старт, што драматично ги ограничува перформансите. Штета, зошто одличниот 5,5 инчен дисплеј со Quad HD резолуција е одличен за работење со две апликации одеднаш во Android Nougat 7.0.
HTC Bolt секако може да се пофали со квалитетна изработка од алуминиум, но со тоа можат да се пофалат и многу поевтини телефони во последно време, а истото важи и за водоотпорноста, која веќе стана стандард во високата класа.
Иако аудио перформансите се одлични и камерата со 16 мегапиксели и оптичка стабилизација е прилично солидна, цената од 600 долари секако дека е голем ограничувачки фактор. За тие пари конкуренцијата има многу помоќни паметни телефони и ако HTC навистина сака излез од кризата, ваков тип на уред воопшто и не требал да биде лансиран на пазарот. Или пак да биде лансиран, но со спецификации кои одговараат на уред од високата класа лансиран кон крајот на 2016 година.
HTC Bolt е инаку телефон наменет само за Sprint мрежата во САД, но ќе се продава на останатите пазари како HTC 10 Evo.
Извор: Forbes, 9 to 5 Google, Android Authority
Фото: Android Authority, 9 to 5 Google