Тајванскиот производител и натаму не може целосно да ја среди смартфон дивизијата, но тоа не значи дека немаат добри телефони во понудата – новите Desire 10 телефони имаат исклучителен дизајн кој „фаќа око“, а Pro моделот може да ги задоволи и оние кои бараат максимум перформанси од својот паметен телефон.
Однадвор и двата модели се слични, со златни линии кои поминуваат по должината и ширината на телефонот и кои оставаат навистина луксузен, премиум печат и се издвојуваат од останатите модели во средната класа. Достапни ќе бидат во четири интересни, мат бои, како светло сина, темно сина, бела и црна.
HTC Desire 10 Pro е помоќниот од двата телефони, со 5,5 инчен Full HD дисплеј, MediaTek Helio P10 чип со осум јадра, 4 GB рам и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера има дури 20 мегапиксели и леќа со f/2.2 бленда, придружени од ласерски автофокус, кој би требал да овозможи прилично брзо фокусирање. Селфи камерата пак има 13 мегапиксели, што е одлична вест за селфи ентузијастите. Нормално, телефонот е опремен со читач за отпечатоци на прстите, вграден во задниот дел, додека батеријата има солидни 3.000 mAh.
HTC Desire 10 Lifestyle, иако има ист дизајн е многу помалку импресивен телефон. Дисплејот има иста големина од 5,5 инчи, но само HD резолуција, додека процесорот е веќе античкиот Snapdragon 400, кој во телефоните од средната класа се вградуваше пред 2 години. Телефонот сепак ќе биде опремен со солидни 2 или 3 GB рам меморија и 32 или 64 GB простор, зависно од моделот, а ќе има и слот за micro SD картичка. Камерите тука се исто така послаби – задната има 13 мегапиксели со f/2.2 бленда, додека предната има само 5 мегапиксели. Desire 10 Lifestyle нема читач за отпечатоци и е опремен со помала батерија од 2.700 mAh, но затоа има поддршка за 24-битно аудио со висока дефиниција.
Цените за двата модели во Европа сѐ уште не ни се целосно познати, иако во Велика Британија Lifestyle моделот ќе чини околу 249 фунти. Во превод, ова нема да бидат евтини смартфони, особено ако ги споредиме со помоќната кинеска конкуренција, но останува фактот дека се телефони со кои ќе сакате да бидете видени, бидејќи изгледаат како ниту еден паметен телефон досега. И иако се лансирани веќе неколку недели по официјалното претставување на Android Nougat, овие модели ќе се нудат само со Marshmallow и HTC Sense скин над него, со надеж дека подоцна ќе има надградба за поновата верзија.
Извор: ARS Technica, Engadget, GSM Arena