Тајванскиот производител годинава конечно лансираше паметен телефон од високата класа кој добро и се спротивстави на конкуренцијата, но не ја заборави ниту средната класа. Имено, тие најавија нови Desire 10 модели, кои треба да им понудат на купувачите солидно смартфон искуство за пониска цена.
Според протечените информации, спецификациите на двата уреди ќе бидат многу различни. Desire 10 Pro ќе биде помоќниот уред, кој ќе има 5,1 инчен Quad HD дисплеј, Snapdragon 820 чип, 4 GB рам и 32 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Камерата назад ќе има 12 мегапиксели, додека предната ќе има 5 мегапиксели. Ова значи дека веројатно сите компоненти ќе бидат исти како на HTC 10, со таа разлика што Desire 10 веројатно ќе биде изработен од пластика и ќе биде малку поевтин.
Desire 10 Lifestyle пак ќе биде многу послаб телефон, кој ќе биде наменет за оние кои не се загрижени за највисоките перформанси од својот телефон. Lifestyle моделот има 5,5 инчен HD дисплеј, застарен Snapdragon 400 процесор, 2/3 GB рам меморија и 16/32 GB простор. Задната камера ќе има 13 мегапиксели, што барем на хартија звучи мошне солидно, додека предната ќе има 5 мегапиксели.
Како и секој понов HTC телефон и овие два модели ќе имаат моќни аудио можности, како Boom Sound и поддршка за 24-битно аудио. Со телефоните најверојатно ќе бидат вклучени и квалитетни слушалки во самото пакување, а нормално и двата модели ќе бидат опремени со читач за отпечатоци на прстите.
Двата уреди за жал ќе доаѓаат со вграден Android Marshmallow – Nougat веројатно ќе пристигне како надградба подоцна во текот на оваа или почетокот на другата година. Цените сѐ уште не се познати, но очекувајте да бидат поскапи од кинеските телефони со исти перформанси на пример.
Извор: Softpedia, Tech Radar, GSM Arena