Благодарение на луксузната изработка и врвните перформанси, знаменосецот на HTC од минатата година, One M8, постигна одлични резултати во продажбата и беше вистински хит на пазарот. Оваа година, скоро идентичниот One M9 не дигна толку галама на премиерата, бидејќи не донесе некои особено големи новитети, но HTC има друг ас во ракавот, а тоа е освежена верзија на постариот модел, која се вика HTC One M8s.
Малото “s” на крајот од името значи дека во внатрешноста ќе се вградува процесорот од средната класа, осум јадрениот Snapdragon 615. Бидејќи се работи за понов процесор од тој кој се вградуваше во претходникот (Snapdragon 801), не се очекува голем пад во секојдневните перформанси, но разлика сигурно ќе има во играњето игри, бидејќи M8s доаѓа со многу послабата Adreno 405 графика. Од друга страна, батеријата ќе е малку поголема, со капацитет од 2840 mAh, исто како кај новиот One M9.
Новиот уред ќе доаѓа и со 2 GB рам меморија, 16 GB простор за складирање податоци со можност за проширување со micro SD картичка, како и со нова 13 мегапикселна камера во задниот дел, а која ја заменува Ultrapixel камерата со 4 мегапиксели на претходникот. Нормално, и тука е достапна камерата за мерење на длабочина во горниот дел, која е задолжена за слики со плиток фокус.
Однадвор нема никаква разлика во однос на One M8, па и покрај пониската цена од 380 фунти и M8s ќе доаѓа со луксузно изработено алуминиумско куќиште, како и специјалните Boom Sound стерео звучници во предниот дел. Не е променет ниту екранот, кој е изработен со IPS технологија и има Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели, растегната на дијагонала од 5 инчи.
Секако, за оние кои не се зависни од играњето игри на своите паметни телефони, а сепак сакаат квалитетен “flagship” уред, One M8s се чини како одлична опција. Колку овој модел ќе одземе од продажбата на новиот One M9 пак е друго прашање, на кое се чини повеќе треба да мислат од маркетинг дивизијата на HTC.