Може да се каже дека од Nexus 7 наваму, кој беше еден од најпопуларните мали таблет компјутери, поновите Nexus таблети не успеаја да ја продолжат популарноста на оваа линија на уреди. Сепак, Nexus уредите се најмногу ценети од фановите на Android кои сакаат да користат уред поддржан од Google и кој доаѓа со најчистото искуство на овој оперативен систем.
Другите производители најчесто прават сопствени промени на Android, па едно време тоа стана доста непопуларно кај корисниците кои почнаа да инсталираат некоја од достапните неофицијални, таканаречени ROM-ови, верзии од системот.
По тргањето на Nexus 9, кој беше претставен на крајот од 2014, од Play Store, оваа недела и HTC потврди дека тие веќе нема да произведуваат нови количини од овој таблет. Таблетот ќе биде достапен уште одреден период, односно додека не се потрошат залихите, по што веќе нема да може да се купи.
Од Google се очекува да ја продолжи соработката со производителите како и досега, односно ќе бидат претставени нови Nexus уреди. До тогаш најблиско нешто до Nexus уредите е хибридниот Pixel C таблет/лаптоп уред од Google.
Со оглед на се поголемата популарност на ваквите 2 во 1 уреди, Pixel C претставува одлична алтернатива, а посебно за корисниците кои би сакале нивниот таблет да може да го користат и како лаптоп, барем за одредени активности.