На 16 октомври, на специјален настан Huawei ќе претстави три паметни телефони од Mate серијата, поточно Mate 10, Mate 10 Lite и Mate 10 Pro. Како и секогаш кога се претставуваат вака важни уреди, информации и спецификации за нив протекуваат на интернет мрежата, овој пат за “Lite” моделот, кој ќе има издолжен 18:9 дисплеј со многу мала рамка и дури четири камери – две напред и две назад.

Информациите за овој смартфон доаѓаат од Evan Blass на твитер, што значи дека можеме да ги прифатиме и како 99% точни. Според нив, дисплејот ќе има големина од 5,9 инчи и резолуција од 2160х1080 пиксели, што значи дека тој ќе биде подолг со 18:9 сооднос на страните, исто како LG G6 и V30. Рамката околу дисплејот ќе биде многу мала и тој ќе зазема дури 83% од предниот дел, но за разлика од скоро сите конкуренти, аглите на телефонот нема да бидат заоблени, што за многу корисници е и позитивна промена.

Сепак, и покрај импресивниот дисплеј напред, најголем адут на Huawei Mate 10 Lite ќе бидат камерите. Назад, Huawei се одлучи на камера од 16 мегапиксели, со помошна камера од 2 мегапиксели, додека напред за главна камера од 13 мегапиксели и помошна камера од 2 мегапиксели. Овие комбинации најверојатно ќе овозможат фотографирање на портрети за „заматување“ на позадината како кај професионалните фотоапарати или пак со други специјални портрет ефекти.

Внатрешните компоненти на Mate 10 Lite ќе бидат најслаби од триото кое ќе биде претставено во октомври, но нека не ве залажува тоа – ова ќе биде еден многу брз смартфон. Чипот ќе биде целосно новиот HiSilicon Kirin 659 на Huawei, кој има 8 јадра, од кои помоќните четири ќе работат на 2,36 GHz, а ќе биде помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор. Големината на батеријата пак треба да изнесува 3.340 mAh, што е респектабилна бројка.

Mate 10 Lite инаку ќе доаѓа со вграден Android Oreo 8.0, односно EMUI 5.1 скинот на Huawei, што го прави еден од првите смартфони со најновиот Android.

Како и со скоро секој смартфон на Huawei и кај Mate 10 Lite цената ќе биде многу конкурентна и ќе изнесува 379 евра во Европа, што е навистина исплатливо за смартфон со голем дисплеј и мала рамка, како и четири камери со напредни можности.

На 16 октомври, очекувајте и ексклузивно покривање на настанот на Huawei, од каде “Smartportal” ќе известува директно.

Извор: Venture Beat, The Verge, GSMArena

Претходна статијаWindows 10 е многу побрз, постабилен и трае подолго со едно полнење откако беше лансиран пред две години
Следна статијаiOS 11 намерно не ги исклучува Bluetooth и Wi-Fi конекциите