Најуспешниот кинески производител во светот не престанува со претставување на нови телефони од високите класи – по P9 и Honor 8, сега тие го претставуваат таблет/телефон уредот, кој има моќни спецификации, исклучителна изработка и батерија која може да издржи до два дена со едно полнење.
Mate 9 е едно исклучително парче телефон – има 5,9 инчен дисплеј со Full HD резолуција, која можеби не е на нивото на онаа на конкурентите, но придонесува за подолго траење на батеријата, додека процесорот е најновиот Kirin 960 со осум јадра на Huawei, кој според производителот, заедно со оптимизациите во софтверот (Android 7.0 со EMUI скин), ќе овозможи супер мазно искуство дури и после подолг период на користење на телефонот.
Моќниот процесор е помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка до 256 GB. Камерата е импресивна, односно е нова генерација на двојната Leica камера претставена со P9 – сега црно белиот сензор има 20 мегапиксели, додека тој во боја има 12 мегапиксели. Оваа конфигурација треба да придонесе за уште подобра острина на фотографиите, но за тоа останува да ги видиме првите фотографии.
Сето ова е спакувано во метално тело со читач за отпечатоци на прстите во задниот дел и батерија која има супер голем капацитет од 4.000 mAh, за траење со едно полнење до два дена. Цената на Huawei Mate 9 за жал нема да биде ниска како што беше случај порано со овој производител – во Европа моделот ќе чини 699 евра, што е скоро како конкурентите со голем дисплеј од високата класа од „етаблираните“ производители.
Но, Huawei не само што го претстави својот најдобар телефон досега, туку претстави и една верзија за оние кои сакаат убав, напреден дизајн. Porsche Design Mate 9 е помал, 5,5 инчен телефон но со AMOLED дисплеј со Quad HD резолуција и заоблен дисплеј на страните. Телефонот изгледа навистина фантастично и покрај дизајнот, има повеќе рам и простор од обичниот модел (6/256 GB), но има и претерано висока цена од 1.395 евра во Европа. Упс.
Како и да е, со овие два модели Huawei повторно покажува колку е сериозен во натпреварувањето со најдобрите телефони од високите класи. Самото тоа што ја имаат подигнато цената скоро на нивото на iPhone и Galaxy конкурентите, кажува за тоа колку се сигурни во квалитетите на своите производи и како корисници, ние само треба да се радуваме што има уште еден голем играч на сцената.