Huawei P8 Lite и P9 Lite се прилично популарни смартфони кај нас. Причината за тоа е што имаат допадлив дизајн кој потсетува на поскапите модели од високата класа, P8 и P9, солидни перформанси и ниска цена. Сега и P10-ката добива Lite модел, кој ја продолжува традицијата на своите претходници.
Huawei P10 Lite има 5,2 инчен дисплеј со Full HD резолуција, што значи дека нема да се гледаат пикселите. Процесорот е Kirin 658 со осум јадра, производство и дизајн на Huawei, кој е конкурентен на Snapdragon 600 серијата на процесори, а е помогнат од 4 GB рам меморија и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Од овој спој на компоненти може да се очекуваат солидни перформанси при користење на полесните апликации.
Однадвор, P10 Lite е изработен од стакло во предниот и задниот дел, додека рамката е од метал. Дизајнот е навистина силна страна на овој смартфон, особено што ќе чини достапни 370 долари, класа во која конкуренцијата изгледа прилично досадно. Назад P10 Lite е опремен со камера од 12 мегапиксели, која е веројатно истата од P10, но без помошната црно бела, додека предната има 8 мегапиксели. Батеријата има капацитет од солидни 3.000 mAh, а назад е вграден веќе неизбежниот скенер за отпечатоци на прсти.
Huawei P10 Lite ќе доаѓа опремен со Android Nougat, a веројатно ќе биде достапен кај нас уште наредниот месец.
Извор: TechnoBuffalo, Android Central, GSMArena