iPad линијата се збогатува со уште еден Pro модел, што е јасна порака од Apple дека таблетите ќе почнат да ги таргетираат кон различна публика, поточно кон бизнис корисниците и оние кои главно ќе работат на својот таблет. Колку може да биде корисен еден 9,7 инчен таблет за работа е добро прашање, но од Apple се сигурни дека има корисници кои ќе го најдат овој уред како особено корисен.
Спецификациите се скоро целосно подеднакви на поголемиот iPad Pro со 12,9 инчен дисплеј, што е секако добра работа. Дисплејот сега има резолуција од одлични 2732х2048 пиксели, што го прави еден од најострите во неговата класа, но овој во малиот Pro модел има и некои дополнителни адути, како на пример True-Tone технологијата.
Оваа технологија ја менува топлината на бојата на дисплејот зависно од тоа каква е амбиенталната светлина (ладна како што е преку ден или потопла на внатрешна, вештачка светлина), што според Apple треба да го направи искуството многу поприродно, односно како да гледате во вистинска хартија. Екранот може да прикаже и 500 nits светлина, што го прави најсветол од сите таблети во класата – одлично за денски услови.
Во внатрешноста е вграден Apple A9X процесорот со две Twister јадра, поддржан од 2 GB рам, што е веројатно и повеќе од доволно за iOS 9.3. Од поголемиот модел се преземени и четирите звучници од страните, кои треба да понудат подобро аудио доживување од конкуренцијата, барем кога корисникот не користи слушалки.
Мало, но позитивно изненадување е тоа што назад е вградена новата iSight камера од iPhone 6S и 6S Plus со 12 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели и можност за користење на дисплејот како блиц. Искрено, не знам кој сеуште фотографира наоколу со својот таблет, а особено со толку голем како овој iPad Pro и мислам дека да беа камерите поставени обратно ќе беше многу подобро решение.
Исто така, убаво ќе беше задната камера да не излегува од телото, бидејќи многу од корисниците често ги користат таблетите легнати на маса. Вака, секое притискање додека е легнат таблетот ќе резултира со негово поместување горе-долу.
Досега, се што напишав делува само како надградба на iPad Air 2 моделот, па сигурно ќе се запрашате зошто Pro во името? Новиот iPad професионален го прават додатоците – Smart Keyboard тастатурата и Apple Pencil дигиталното пенкалце. Ова второто веќе се докажа како одлично и за посериозно цртање и го користат повеќето уметници, но и така слабата тастатура од поголемиот модел, само со намалени копчиња кои немаат особено добар фидбек, секако дека не асоцира на сериозна замена за лаптоп тастатура, барем не за оние кои ја користат почесто и работат на неа.
Ова се чини е и единствениот аргумент против тоа дека овој таблет е замена за вистински лаптоп, иако од Apple посочија дека iPad Pro ќе биде подобро решение од старите лаптопи со Windows 7 и 8.1 оперативен систем, бидејќи ќе има понов софтвер кој редовно ќе биде надградуван и достапни преку еден милион апликации наменети за таблет. Сепак, би рекол, за оние што долго време поминуваат на тастатурата (вклучувајќи ме и мене), MacBook или Windows лаптоп секогаш ќе бидат подобро решение.
Цените на новиот iPad Pro (во Европа) ќе бидат значително повисоки во однос на Air 2 моделот, поточно 689 евра за моделот со Wi-Fi и 32 GB простор, што е веројатно многу малку за еден таблет насочен кон професионалните корисници, што значи дека многумина ќе треба да преминат на моделот со 128 GB кој чини дури 869 евра. Моделот со 256 GB простор пак чини дури 1.049 евра. Во цените секако не се вклучени дигиталното пенкалце (99 долари во САД) и тастатурата (149 долари во САД).
Добра вест за оние кои сакаат нов iPad е тоа што досегашниот Air 2 модел ќе остане во понудата и ќе чини 399 долари во САД.