Информациите дека Apple планира промена на копчињата кај iPhone 15 Pro серијата, односно замена со фиксни копчиња кои функционираат слично со „тракпадот“ на MacBook, ги видовме и на неофицијални слики минатиот месец.
Тоа што посебно привлече внимание кај овие слики беше и познатото „mute“ копче кои го имаат телефоните од Apple уште од првиот модел. Од сликата личи дека копчето ќе биде променето со класично копче, односно веќе нема да биде „преклоп“.
Ова донесе делумни критики од некои корисници кои сметаат дека доколку копчето е класично ќе има ситуации на случајно притискање, но не веруваме дека Apple би направиле таков пропуст.
Најновите информации на оваа тема откриваат одлична промена која исто така оди во контекст на промена на копчето во повеќе класично. Сепак, наместо само промена на копчето и задржување на неговата функција, истото ќе може да се намести да прави повеќе различни функции.
Ова е нешто слично со „Action“ копчето кај Apple Watch Ultra за кое корисници бираат што сакаат да прави кога ќе биде притиснато. Ова значи дека корисниците ќе можат да продолжат да го користат ова копче за исклучување на известувањата, но и за други работи како вклучување на „do not disturb“ режим, темен и светол режим, слика од екранот, снимање на екранот и уште доста вакви функции кои сега се достапни преку контролниот центар.
Ова е одлична промена на копчето која според нас е добредојдена промена, па ќе видиме само дали ќе испадне информацијата за истата точна.