Годинава, Apple треба да претстави целосно нов iPhone, кој значително ќе се разликува од актуелните модели. Според најновите информации, една од промените ќе биде и водоотпорноста, можност која моментално во класата ја има само Galaxy S7 на Samsung.
Сѐ уште немаме точни информации за тоа колку водоотпорен ќе биде новиот модел, но според тоа што ваквата можност се вградува за iPhone 7 да биде конкурентен на својот жесток конкурент, можеме да очекуваме новиот iPhone да може целосно да се потопи во вода подолго време, а исто така треба да се очекува и дека ќе биде отпорен на песок.
Промените нема да застанат само на подобрената заштита од вода и песок, секако. Новиот iPhone се очекува да биде уште потенок, поточно 6,1 милиметар, со делумно променет дизајн со различно изведени пластични делови за антената (како на фотографијата).
Намалувањето на дебелината ќе биде придружено и со вадење на аудио излезот од 3,5 mm – iPhone 7 ќе користи слушалки исклучиво со Lightning портата, додека “Home” копчето во предниот дел најверојатно ќе биде само на допир, но со 3D Touch функција.
Исто така, се очекува Plus изведбата да биде првиот iPhone со двојна камера назад, систем кој треба да овозможи своевиден оптички зум и неколку дополнителни функции, како подобро изолирање на субјектот од позадината и сл. Исто така, има најави дека уредот ќе има стерео звучници и безжично полнење, нешто што некои од конкурентите го имаат веќе неколку години.
Новиот iPhone ќе биде лансиран по завршувањето на летото, што значи дека сите овие информации и не мора да се целосно точни, па земете ги со задршка. Секако, ние веднаш ќе објавиме за сите дополнителни информации, се до официјалното лансирање на новиот iPhone 7.
Извор: GSM Arena, Mac Rumors, BGR