Во почетокот, кога iPhone буквално ја промени мобилната телефонија, имаше само еден iPhone. Со лансирањето на iPhone 5S се смени таа традиција – беше лансиран и поевтин iPhone 5C, што продолжи со iPhone 6, каде беа претставени две различни големини. Според нови информации, iPhone 7 веројатно ќе доаѓа во три различни верзии, покрај четвртиот iPhone SE кој треба да биде претставен месецов.
Сигурно веќе се запрашавте што ќе биде разликата меѓу сите тие модели, нели? Првиот, iPhone 7 ќе има 4,7 инчен дисплеј, исто како и актуелниот 6S. Потоа, 7 Plus ќе има 5,5 инчен дисплеј, исто како 6S Plus, додека третиот модел ќе биде веројатно iPhone 7 Pro, кој ќе се разликува по вградената камера.
Имено, според информациите, во iPhone 7 Pro, Apple би требало да ја вгради двојната камера од LinX, компанија која Apple ја купи неодамна, која треба да донесе револуција во квалитетот на фотографиите, но и на можностите при фотографирање. Благодарение на тоа што има два сензори и специјални алгоритми, камерата ќе има „оптички“ зум, односно зум без загуба на квалитетот, како и драматично подобрени фотографии при сликање во вечерни услови, со многу помалку шум и поголема острина.
Интересно, LinX Има развиено неколку различни решенија, со двојна, тројна, па дури и систем од четири различни камери. Сепак, не би очекувал Apple да вгради повеќе од две камери во својот iPhone – тоа би ја зголемило дебелината и целосните димензии на телефонот, што секако не е нешто што се очекува од нив.
Дали моделот Pro ќе се разликува само со камерите во однос на другите iPhone-и сеуште нема информација, но можно е во него да се вградат и некои од можностите на iPad Pro линијата, како на пример дигиталното пенкалце, што би можело да го направи директен конкурент на Samsung Galaxy Note серијата.
Извор: Forbes, Techno Buffalo, Inferse