20141116041206-hero Jolla tablet

Некои од вас можеби се сеќаваат на телефонот од Финскиот производител Jolla. Тој беше претставен во 2013 година и во себе место Андроид користеше сопствена верзија на Линукс наречена Sailfish. Сега Jolla бараат да ги поддржите во Indiegogo кампања за да го извадат на пазарот својот прв таблет компјутер кој ќе работи на истиот оперативен систем.

Таблетот ќе биде со големина од 7,9 инчи, а неговиот екран ќе има резолуција од 2.048х1.536 пиксели што е прилично добра за таа големина. Тој во себе ќе има четиријадрен процесор од Интел кој ќе работи на брзина од 1,8 ГХц и ќе има 5 мегапикселна камера. Внатрешната меморија ќе изнесува 32 ГБ, а ќе има можност за прошитување со SD картичка. Во себе ќе има 4.300 мАч батерија и ќе тежи 384 грама што е задоволително.

Оперативниот систем Sailfish е интересен од аспект дека е варијанта на Линукс, како што е и самиот Андроид, па затоа ќе биде компатибилен со повеќето Андроид апликации без да мора да се прават големи заврзлами. Нормално, пристап до Google Play Store нема да има, но ќе има пристап до други продавници на апликации како Amazon Store и слични.

Навигацијата низ Sailfish се базира на „лизгања“ (swipes) по екранот и тој има способност одеднаш да прикаже активни екрани на повеќе апликации, што за некои може да биде одлична опција (а за некои кои не можат да си го контролираат времето поминато на социјални мрежи дур прават нешто друго, можеби и не толку). Инаку Sailfish можете да го инсталирате и на телефони кои оригинално доаѓаат со Андроид, ако сте заинтересирани да го пробате (видете ја статијата за Sailfish инсталиран на Nexus 4).

Уште една позитивна работа околу овој таблет, или потточно околу оперативниот систем Sailfish, е дека од Jolla имаат посветено прилично внимание на безбедноста на податоците. Тие самите изјавуваат на Indiegogo страницата дека системот бил направен посебно од Андроид и останатите за да се посвети внимание и на овој сегмент, дека немаат „задни врати“ во него ниту дека било кога ќе ги (про)даваат вашите податоци на трети страни, што е за поздравување.

Првите 1.000 уреди од кампањата ќе се продаваат за 189 долари, а вторите за 199 долари. Понатаму уредите ќе се продаваат директно од веб страницата на Jolla.

Извор: CNet

Претходна статијаНадграден Viber за Windows Phone, донесува понов дизајн и подобри перформанси
Следна статија„Либертаријанизирај“ го својот паметен телефон (дел 1.0)