Познатиот Џон Просер, кој стана уште повеќе познат по тужбата од страна на Apple за откривањето на Liquid Glass дизајнот кој дојде со iOS 26, иако поретко, продолжува со објава на видеа кои откриваат што може да очекуваме од компанијата.
Просер објави ново видео за првиот iPhone на преклоп кој се очекува да биде претставен оваа есен и покрај тоа што некои најавуваат дека може да дојде до одложување поради инженерски проблеми.
Ова е второ видео кое Просер го објавува за iPhone на преклоп, а овој пат уредот го нарекува iPhone Ultra, наместо iPhone Fold, како што повеќето го нарекуваат.
Уште на почетокот од новото видео Просер истакнува дека iPhone Ultra може да се очекува во септември заедно со iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, па и тој истакнува дека не се точни информациите за можно одложување.
Како клучни информации кои тој ги истакнува за карактеристиките на iPhone Ultra се следните:
- Механизам за преклопување (шарка) направен од течен метал и 3Д печатење
- Линијата на местото на превиткување на екранот од само 0,15 милиметри, што значи дека иако не е целосно тргната, таа би требало да не се забележува
- Дебелина на уредот кога е отворен од само 4,5 милиметри, како и 9,5 кога е затворен
- А20 Pro чип, C2 модем чип од Apple, две камери на задната страна, како и Touch ID наместо Face ID
Една од клучните информации кој тој ги дава е дека Apple ќе користи батерии со поголема густина, конечно, па батеријата кај iPhone Ultra треба да се очекува дека ќе има капацитет од 5.800 mAh.
Доколку ова се покаже како точно, овој уред нема да има проблем со издржувањето на батеријата.
Целото видео можете да го погледнете во продолжение.









































