Производителот кој е повеќе познат по квалитетните серии на лаптопи, веќе подолго време учествува и на пазарот за смартфони, со прилично голема успешност, особено на кинескиот пазар. Најновиот модел во понудата има исклучително високи перформанси и одлични спецификации, по многу пониска цена од таа на етаблираните конкуренти.
K80 има екран со големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели (401 пиксели по инч), што го става во класата на Samsung Galaxy Note 4 и iPhone 6 Plus. Сепак, за разлика од нив, паметниот телефон на Lenovo користи 64 – битен Intel Atom процесор од најновата генерација, кој има четири физички јадра и брзина од 1,8 GHz и кој се покажа како многу моќен на бенчарковите. Покрај чипсетот, главен адут на K80 е рам меморијата од дури 4 GB, која ќе овозможи одличен мултитаскинг и многу побрзо работење кај потешките апликации.
Покрај големата рам меморија, уредот ќе има и голем простор за складирање податоци од 64 GB, како и енормно голема батерија од дури 4000 mAh, доволна за два до три дена користење со едно полнење. И покрај големата батерија, дебелината на смартфонот изнесува солидни 8,5 милиметри. Камерата има 13 мегапиксели и оптичка стабилизација, која треба да овозможи снимање постабилни видеа, но и поквалитетни фотографии навечер.
Како и сите модели на компанијата и K80 ќе доаѓа со вграден Android Lollipop со Lenovo Vibe UI скин, кој поприлично го менува изгледот на оперативниот систем, но донесува некои функционалности. Нормално, моделот ќе има вградена LTE антена со поддршка за 4G комуникација.
Lenovo K80 ќе биде достапен во три бои, црна, сребрена и црвена, а ќе има и достапна цена од само 290 долари на кинескиот пазар. Ќе биде понуден и модел со 2 GB меморија и 32 GB простор за складирање податоци, за цена од 240 долари.
Извор: Android Central