Производителот кој ни е познат пред се по својата линија на лаптопи, станува се поуспешен на смартфон цената, благодарение токму на ваквите модели. Имено, тие спремаат нов паметен телефон со алуминиумска изработка, солидни спецификации и многу ниска цена, кој треба да не „фрли во нокаут“.
Според тоа што можеме да го видиме на фотографиите, ова веројатно ќе биде Lemon 3 моделот, кој веќе се продава во Кина по цена од околу 100 долари и кој по претставувањето на Mobile World Congress во Барселона, ќе биде достапен и во останатите земји од светот. Секако, очекувајте Lenovo да спреми целосно ново име за овој модел – сепак го најавуваат како целосно нов уред.
Изработката од алуминиум е секако главниот адут на овој смартфон – тоа е најавено и во првата фотографија од Lenovo, која е најава за претставувањето на паметниот телефон. Сепак, ако навистина се работи за Lemon 3, овој смартфон не треба да се срами ниту од понудените спецификации.
Дисплејот има големина од 5 инчи и Full HD резолуција, што е веројатно доволно за да не забележите ниту еден пиксел – има 441 пиксели по квадратен инч. Процесорот е Snapdragon 616 со Adreno 405 графика и би требало да овозможи прилично мазно искуство при работењето со вградениот Android Lollipop 5.1 оперативен систем, а тука е помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB вграден простор со можност за проширување преку micro SD картичка.
Со оглед на цената, прилично импресивни се и камерите – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели. На втората фотографија се гледа дека во задниот дел има и два стерео звучници со Dolby Atmos технологија, кои би требало да овозможат квалитетно аудио искуство при слушањето музика или при гледањето филмови, но ќе беше уште подобро доколку Lenovo ги вградеше во предниот дел на телефонот – вака веројатно ќе биде многу лесно да го попречите звукот со вашите прсти додека гледате видео.
Батеријата има капацитет од 2750 mAh, што е веројатно доволно за цел ден користење, но секако не како што сме биле досега навикнати од Lenovo – другите нивни модели имаат многу поголеми батерии. Секако, ќе биде понудена и dual SIM верзија и тоа со две 4G картички.
И покрај тоа што во Кина овој смартфон чини 105 долари, веројатно цената на останатите пазари ќе биде малку повисока, но со оглед на спецификациите, дури и двојно повисока цена се чини како ниска. Сепак, останува да ги видиме финалните детали после претставувањето на Mobile World Congress саемот за смартфони (и останати преносни уреди) во Барселона, кој треба да почне многу скоро – на 22-ри февруари.
Извор: Android Authority, Ubergizmo, NDTV