lg-g2-02-white-450x370

Во повисоката класа на мобилни телефони, различните производители нудат неколку веќе добро познати модели како што се: Samsung Galaxy S4, IPhone 5S, HTC One, Sony Xperia Z1 и сл. Можеби неправедно, но моделот на LG во оваа категорија G2, има значително помала застапеност во однос на маркетингот и продажбата, посебно во споредба со моделите на Samsung и Apple. Иако телефонот е представен во септември и можеби е мал период за да се оцени вистинскиот успех, сепак продажбата е под очекувањата на LG што доведе и до намалување на цената на телефонот.

Ова можеби се лоши вести за компанијата, но добри вести за нас, потенцијалните крајни корисници, бидејќи телефонот има да понуди многу повеќе од своите моментални конкуренти.

Хардверски гледано, телефонот го нуди најдоброто моментално на пазарот, односно поседува Snapdragon 800 чипсет со четири јадрен процесор Krait 400 на 2.26 GHz, Adrеno 330 графички процесор и 2GB RAM меморија, кои го претставуваат Android OS v4.2.2 Jelly Bean на 5.2 инчен IPS екран кои работи во Full HD резолуција и поседува густина на пиксели од ~424 ppi. Тука мора да се спомне и камерата на овој телефон, која е со резолуција од 13 Мегапиксели, со оптичка стабилизација и со можност за снимање на видеа во Full HD резолуција со 60 fps. Камерата се смета за една од подобрите моментално споредено со конкурентите, а покрај главната камера, телефонот поседува и предна камера со 2.1 Мегапиксели за видео повици, која исто така може да снима видео во Full HD резолуција, но само со 30 fps.

Телефонот доаѓа со вградена меморија од 16 или 32 GB и не поседува можност за проширување со мемориска картичка, но има интегриран DropBox во FileBrowser, како и со користење на Wireless Storage опцијата се обезбедува лесен пристап до податоците преку Wi-Fi без користење на USB кабел, а со употреба на OTG кабел телефонот чита и USB мемории.

Една од специфичните одлики на овој телефон, е тоа што копчињата за отклучување на екранот и за регулирање на гласноста, се наоѓаат на задниот дел од телефонот, кое е иновативно и нетипично решение и кое засега е добро прифатено од корисниците. Ова е решение кое е направено со цел да се преместат вообичаено копчињата од страната на телефонот, за да се овозможи што е можно помала рамка околу екранот (најмала моментално кај G2 со 2.6 mm) со што се овозможува сместување на поголем екран, во помало тело на телефонот. Покрај со копчињата на задната страна, екранот се отклучува и со два последователни допири, односно “Knock-Knock” функција.

Секако дизајнирањето на одличен и квалитетен мобилен телефон, не се постигнува само со едноставно комбинирање на најсилините компоненти кои можат да се најдат, па така LG се покажува одлично и во делот на софтверот. Пред се мора да со пофали нивната интеграција на батеријата, која е со капацитет од 3000 mAh, истиот овој капацитет се сретнува и кај Sony Xperia Z1, кој ги поседува и истите карактеристики во однос на процесорот, графичката и RAM меморијата, но обезбедува двојно помалку трајност на батеријата во сверата на гледање видеа и пребарување на интернет. Слободно  може да се каже дека G2 има моментално најдолго траење на батеријата, далеку подолго од своите конкуренти, што е многу важен елемент, бидејки и најсилните хардверски карактеристики не се од корист доколку не се во функција поради недостаток на електрична енергија.

Од аспект на софтвер, телефонот функционира на Android 4.2.2 со Optimus UI, интерфејс кој добиваше доста критики кај претходните модели, но во оваа верзија добива доста пофалби и се споредува со подобрите како оној на поновите модели на Samsung. Софтверот дава голем број на опции за прилагодување на изгледот, функциите, кратенките и сл. Една од подобрите работи е што LG го нема преполнето телефонот со нивни апликации, а и оние неколку кои се сретнуваат, може да се деинсталираат.

Кога ќе се земе во предвид претходно наведеното, не е изненадувачки што телефонот добива доста позитивни рецензии и е прогласен од доста страни за телефон на годината. Останува да се види дали телефонот ќе постигне поголем успех и покрај недостатокот на агресивна рекламна кампања од страна на LG, која знае да игра голема улога за успешна продажба на модели на телефони кои се со далеку послаби карактеристики и дизајн.

Претходна статијаЛиста на активности за споделените фајлови во Google Drive
Следна статијаLG влегува во паметната фитнес технологија