Алуминиумот е толку жежок последниве неколку години што дури и Samsung се одлучи да стави повеќе од него во новата Galaxy серија, која беше позната по пластичната изработка. На плејадата алуминиумски паметни телефони од високата класа ќе се придружи и LG, со новиот G4, барем ако може да им се верува на протечените фотографии.
Според тоа што го гледаме, дизајнот нема да биде драстично променет, освен тоа што камерата сега ќе има квадратна форма, исто како и копчињата за јачината на звукот, односно за отклучување на екранот, поставени во задниот дел, кои досега беа заоблени. Во горниот дел се забележува и „пенкалце“, кое најавува функционалности како во Galaxy Note серијата на Samsung.
Сепак, најголемата промена треба да биде целосно алуминиумското тело, кое за разлика од конкурентите, ги нема тенките пластични линии кои беа задолжени за антените, веројатно поради тоа што истите се вградени во предниот дел, или пак кај копчињата. Сумирано, G4 дефинитивно изгледа многу подобро во „метал“ изведба, отколку неговиот пластичен претходник. Исто така, иако беше очекувано, овие слики ги побиваат досега протечените информации, кои велеа дека G4 ќе има заоблен екран како G Flex серијата на LG.
Инаку, се очекува новиот знаменосец на LG да има 5,6 инчен екран, што го прави најголем во класата, но целосните димензии да не бидат многу големи, благодарение на малата рамка околу екранот. Иако резолуцијата на дисплејот најверојатно ќе изнесува 2560х1440 пиксели, исто како претходникот, има извори што најавуваат резолуција од 2880х1620 пиксели, која би била највисока во класата, исто како што беше случај со дисплејот на G3 кога беше лансиран на пазарот.
Големи подобрувања се очекуваат кај камерата, која кај G3 беше најголема слабост и заостануваше зад главните конкуренти. За таа цел, LG ќе употреби целосно нов сензор од 20,7 мегапиксели, кој е развиен од корејскиот производител и кој треба да донесе многу повисок квалитет на фотографиите. Процесорот кој ќе се вградува во G4 скоро со сигурност ќе биде Snapdragon 810, помогнат од 3 GB рам меморија.
Иако се уште нема официјален датум за претставувањето на новиот LG G4, за очекување е тоа да се случи во месец Април. Дотогаш, следете не за сите најнови информации во врска со овој, но и сите други популарни паметни телефони!
Извор: TechRadar