Корејскиот производител LG можеби не е успешен како своите сонародници Samsung во високата класа, но има прилично успешни паметни телефони од средната и ниската класа со серијата Stylus. Најновиот модел од оваа серија има прилично солидни перформанси и веројатно многу поважно, доаѓа со вграден Android 7.0 Nougat оперативен систем, кој е побезбеден од претходните верзии и има неколку нови функционалности. Stylus 3 ќе биде претставен на CES саемот во Лас Вегас.
Самите спецификации не се ништо особено. Дисплејот, како и претходникот има големина од 5,7 инчи, но само HD резолуција од 1280х720 пиксели, што е прилично малку за толку голем дисплеј. Процесорот е MediaTek MT6750 со осум јадра, од кои четири на 1,5 GHz, а четири на 1,0 GHz. Истиот е помогнат од солидни 3 GB рам, што е одлична вест за оние кои користат повеќе апликации одеднаш, додека во Stylus 3 е вграден и простор од 16 GB за податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.
Камерите се солидни, барем на хартија. Задната има 13 мегапиксели, додека предната има 8 мегапиксели. Батеријата има 3.200 mAh, што би требало да е доволно со оглед на штедливиот процесор и дисплејот со мала резолуција. Stylus 3, како што најавува неговото име, доаѓа и со вградено дигитално пенкалце, кое може да се користи за фаќање забелешки и/или за цртање. Како скоро секој нов Android смартфон и овој има читач за отпечатоци на прстите.
Покрај Stylus 3, на CES во Лас Вегас, LG ќе лансира уште четири други смартфони од K серијата, кои се протегаат со големина од 4,5 до 5,3 инчи, исто така доаѓаат со вграден Android 7.0 Nougat и кои спаѓаат на ниската и средно-ниската класа. Очекувајте сите нив наскоро да ги има и во понудите на нашите оператори како достапни смартфони со пониските претплати, исто како и нивните претходници.
Извор: CNET, The Verge, Android Authority