Вториот по големина корејски производител секоја година неуспешно се обидува да му нанесе удар на својот главен конкурент Samsung, но со смартфони како G6 тие тоа дефинитивно нема да можат да го направат. Затоа, последниве три години тие лансираа нова “V” серија на смартфони, која има повеќе можности од “G” серијата и која е избор на многу ентузијасти.

Новиот V30 модел ќе биде прилично голем напредок во однос на двата претходници. Прво, тој веќе нема да има втор мал дисплеј во горниот дел, што и не е недостаток и многу поважно, екранот ќе биде OLED со многу мала рамка, големина од 6 инчи, 18:9 сооднос и висока резолуција од 2880×1440 пиксели, кој според LG ќе биде идеален за VR апликации. Дизајнот на телефонот ќе биде сличен на G6, но со поголема заобленост на самата рамка на смартфонот.

Спецификациите очекувајте да се најдобри можни во моментов – Snapdragon 835 и 6 GB рам, но главен адут на V30 повторно ќе идат камерата и аудио можностите. Камерата на пример ќе има професионални можности за снимање видео со супер квалитетни микрофони за аудио запис, додека на 3,5 mm излезот за слушалки ќе биде „прикачен“ супер квалитетен засилувач, кој ќе овозможи Hi-Fi аудио искуство дури и со поскапи, поквалитетни слушалки.

За другите можности на V30 се чини сепак ќе треба да почекаме до IFA саемот во Берлин, кој ќе се одржи во првата половина од септември и каде ќе биде претставен новиот LG V30.

Извор: TechRadar, The Verge, GSMArena

Претходна статијаSamsung има нов смартфон на преклоп со два 4,2 инчни дисплеи
Следна статијаПрво видео од прототип Hydrogen смартфонот на RED