Многу пати кога размислуваме за нов смартфон, се прашуваме што ни е најважно. Дали е тоа изработката, изгледот, дисплејот, перформансите или камерата? Да, од сите овие работи може да зависи одлуката при купување на нов телефон, но секогаш последното прашање е „колку трае батеријата?“. Ако останатите работи и не се толку важни, LG X Power2 можеби е и најдобриот избор за просечниот корисник.

Тоа е така бидејќи овој смартфон има огромна батерија од 4.500 mAh, која заедно со штедливиот MediaTek MT6750 процесор со осум Cortex-A53 јадра на 1,5 GHz овозможува траење до два дена со солидно користење. На ова секако се надополнува големиот 5,5 инчен дисплеј, кој има само HD резолуција. Да, нема да биде особено убав за гледање (ќе се познаваат пиксели), но затоа ќе троши многу малку енергија.

Од LG ветуваат дека X Power2 овозможува 18 часа нонстоп сурфање на телефонот, односно 15 часа гледање видео, што се во најмала рака импресивни бројки. Всушност, ако им се верува на нив, овој телефон може да трае и до три дена со едно полнење на батеријата. А и самото полнење ќе биде многу брзо – 50% за еден час, што е одлично за толку голема батерија. За многумина ова е дефинитивно исполнување на сонот.

LG X Power2 доаѓа и со камера од 13 мегапиксели во задниот дел, односно 5 мегапиксели во предниот дел. Прилично стандардно за класата. За среќа, софтверот е Android Nougat 7.0, иако не очекувам многу надградби во иднина – нив LG ги резервира за повисоките класи на телефони. Моделот има и 1,5 односно 2 GB рам меморија и 16 GB простор, што е веројатно минимум за Android смартфон денес. Цената сѐ уште не е позната, но очекувајте да биде достапна, особено доколку LG X Power2 биде достапен на договор кај нашите оператори.

Извор: Techno Buffalo, Pocket Lint, GSM Arena

Претходна статијаHyperloop One ја претстави првата тест патека во Дубаи
Следна статијаПромоција на наградна игра Верна, по повод 70 години Макпетрол