Производителот на најпопуларната Linux дистрибуција, Ubuntu, го лансираше само вториот телефон со овој оперативен систем, во соработка со кинескиот производител на паметни телефони Meizu.
Meizu MX4 е прилично моќен телефон, со хардвер кој е многу близу до најдобрите. Има 5,2 инчен екран со Full HD резолуција, процесор со осум јадра од кинескиот MediTek, MT6595, помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка.
MX4 има батерија со капацитет од 3100 mAh, што е веројатно и повеќе од доволно за смартфон со 5,2 инчен екран. Задната камера има 20,7 мегапиксели и е веројатно со сензор од Sony, додека предната има 2 MP. Покрај камерата со висока резолуција, MX4 може да снима и Ultra HD видео со резолуција од 3840х2160.
Најголемата разлика во однос на истиот Android телефон на Meizu ќе биде Ubuntu оперативниот систем, кој се уште е во зачеток, но ветува неколку интересни новитети. Имено, со приклучувањето на поголем екран, корисникот ќе може да го користи телефонот буквално како десктоп компјутер, што кај Meizu MX4 ќе биде возможно благодарение на моќниот процесор. Дури и опкружувањето ќе се смени во десктоп Ubuntu и ќе биде прилагодено за работење со маус и тастатура.
Ова значи дека Ubuntu оперативниот систем ќе може да ги користи и сите Linux апликации за компјутерите, но веројатно само во десктоп модот, бидејќи истите не се оптимизирани за уреди со помал екран. Исто така, барем засега, има сериозен недостаток на апликации за Ubuntu за телефоните.
Засега, Meizu MX4 со Ubuntu ќе се нуди само на кинескиот пазар за телефони, но се очекува наскоро да биде лансиран и низ другите пазари во светот. Според тоа што досега го имаме видено, не би требало да се очекува некој позабележителен успех на пазарот. За тоа, Ubuntu сепак треба да ги привлече големите играчи, како Samsung и HTC, кои и натаму се верни на Android.
Извор: OMG Ubuntu