iphone-vaga copy

3D Touch дисплејот во новите iPhone 6S и 6S Plus, очигледно има повеќе можности отколку што првично се чинеше. Имено, дивелоперот Рајан Меклеод, лансираше нова апликација наречена Gravity, со која може да мерите тежина на секакви предмети со помош на технологијата за препознавање притисок на самиот дисплеј.

Апликацијата го користи системот за 3D Touch и според зборовите на дивелоперот е специјално калибрирана за да може да го претвори притисокот кој го прави објектот на екранот, во мерка за тежина.

За мерење единствено треба да го ставите предметот на лажичка, која служи за да може да ја препознае капацитивниот систем за допир. 3D Touch секако има ограничување – Gravity може да мери предмети до максимум 385 грама, но и покрај тоа звучи како забавна апликација која може да се најде во многу ситуации.

За жал, Apple инстантно ја исфрли апликацијата од App Store, со објаснување дека погрешно ги наведува корисниците, што е чудно, бидејќи на пазарот на апликации веќе има неколку „ваги“ кои немаат никаква друга функција освен за забава, односно не можат вистински да ги мерат предметите. А како доказ дека Gravity работи, Рајан Меклеод направи и специјално видео.

Сепак, за оние кои очајно сакаат електронска вага во својот телефон, има друго „решение“. Друг дивелопер (Сајмон Гледмен) има слична апликација, со која покажува како мери сливи и тоа две одеднаш. Сепак, оваа „вага“, наречена Plum-O-Meter, не е достапна на официјалниот App Store, туку сите што сакаат да ја пробаат ќе можат да ја инсталираат само со Jailbreak на својот уред.

Она што е исто така многу интересно е што кинескиот Huawei, во својот нов модел Mate S, има фабрички инсталирана апликација за мерење на тежината преку својот систем за препознавање на притисок, пандан на 3D Touch. Дали и Apple сака наскоро да лансира своја ваква апликација и затоа не дозволува други такви на пазарот? Многу е возможно.

Извор: MacRumors, The Verge, 9to5Mac

Претходна статијаПЕТ одлични кратки СФ раскази на кои вреди да потрошите 10 минути од вашето време
Следна статијаКинеска машина која гради цели мостови