“G” серијата на смартфони на Motorola беше исклучително популарна кај купувачите со поплиток џеб, бидејќи нудеше доволно квалитетно смартфон искуство за многу ниски пари. Работите сепак се променија последниве две години и агресивната кинеска конкуренција им го направи животот на производителите како Motorola (кој е сега под Lenovo) многу потежок.
Moto G5S и G5S Plus се модели кои се обидуваат да го вратат сјајот на брендот во средната класа, но реално немаат доволно промени за да направат вистински импакт на пазарот.
Помалиот смартфон, G5S, има 5,2 инчен дисплеј со Full HD резолуција, што е одлична вест, но процесорот е само Snapdragon 430 – конкуренцијата од Кина има посилни чипови.
Секако, количината на рам меморијата од 3 GB помага, а одлична вест е и просторот од 32 GB со слот за micro SD, но останува фактот дека ова се спецификации кои не ја оправдуваат цената од 249 евра во Европа. Од друга страна, камерата со 16 мегапиксели и f/2.0 бленда делува прилично солидно на хартија, а истото важи и за предната камера со 5 мегапиксели и f/2.0 бленда. На крај, најсилен адут е веројатно батеријата, која со 3.000 mAh се чини може да издржи преку еден ден на толку мал дисплеј и слаб процесор.
Поголемиот G5S Plus е доста поинтересен модел – има 5,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција, помоќен Snapdragon 625 чип со 3 GB рам меморија и 32 GB простор или 4 GB рам и 64 GB простор. Камерата назад е двојна и тоа со два сензори од 13 мегапиксели, што е супер вест со оглед на цената од 299 евра. Предната камера пак има 8 мегапиксели, на што ќе се издрадуваат селфи ентузијастите, но разочарување е батеријата, која исто како и помалиот модел има 3.000 mAh.
И двата модели доаѓаат опремени со Android Nougat 7.1 и тоа прилично чиста верзија, слична на онаа од Google. Ова овозможува подобри перформанси при работењето со оперативниот систем, но и побрзи надградби на понови верзии. Според мене, токму софтверот е и главен адут на смартфоните на Moto во моментов.
Извор: GSMArena, Android Police, NDTV