Уште чекаме да уредите со екрани кои се превиткуваат станат доволно развиени за да може да се оправда нивното купување и користење како главен телефон, а посебно кога ќе се земе во предвид нивната моментална цена.
Иако ваквите екрани ќе донесат повеќе видови на уреди, како што се најновите „флип“ телефони од Samsung и Motorola, сепак сметаме дека тие кои ќе ја донесат вистинската револуција кај мобилните уреди, се уредите како Galaxy Fold или Huawei Mate X.
Кинеската TCL има свој и навистина интересен концепт на телефон кој требало да го претстави на MWC 2020 саемот за технологија, кој сепак се откажа поради Коронавирусот.
До слики и неколку информации за уредот доаѓаат од CNET, а од нив може да се види уред кој наместо да се превиткува, на било која страна или линија, има екран кој се собира под другиот и преку систем на лизгање се прикажува или сокрива.
Со тоа, овој уред кој наликува како обичен смартфон, со кратко повлекување се претвора во помал таблет, а со тоа на корисникот му се овозможува подобро искуство при гледање на видео содржина и слично.
Предностите на овој систем, во споредба со превиткување на надвор или внатре е што заштитата на екранот е поголема. Исто така, формата на уредот останува класична и не се потребни механизмите за превиткување.
Нешто повеќе информации за овој уред нема, па останува со голема љубопитност да го чекаме кога ќе биде претставен во јавноста.