Поминати се скоро три години од последниот модел на познатиот Razr бренд од Motorola, а оваа година изгледа ќе видиме нова верзија, која ако се точни неофицијалните слики кои сега се објавени, ќе биде доста поинтересен од претходните.
Сликите ги објавува познатиот Evan Blass, па може да ги сметаме како точни, барем во некоја форма, а можни се и одредени измени до финалниот производ.
Тоа што го привлекува главното внимание кај овие слики е задниот дел од уредот, поточно делот кој се преклопува и кој има мал екран. Овој екран со текот на годините, заедно со конкурентните вакви телефони, станува се поголем, а Motorola изгледа оваа година ќе отиде најдалеку во зголемувањето на димензиите.

Како што може да се види на сликите, целата половина од уредот, која се гледа кога е преклопен, треба да биде покриена со екран. Дури и двете камери кои се поставени на овој дел не го прекинуваат екранот да оди до самиот раб на уредот.
Поголем екран значи и повеќе функционалност на овој екран, па тој ќе може да се користи и за нешто повеќе од само брзо прегледување на информации или при сликање со задните камери.
Ќе видиме дали овие слики, со оглед на тоа што не се означени, ќе се покажат како точни за нов Motorola Razr модел или се работи за нешто друго.