Има уште некој месец до претставувањето на Galaxy S23 серијата од Samsung, но време е да почнат да излегуваат неофицијални информации и шпекулации. По информациите за тоа како ќе изгледаат идните Galaxy S телефони, сега ги имаме и карактеристиките на основниот модел.
Според Yogesh Brar, Galaxy S23 нема да биде голема надградба во споредба со годинешниот Galaxy S22, што и не треба да изненади, иако производителите вадат нови модели секоја година, главните новини сепак доаѓаат на неколку години.
Екранот кај Galaxy S23 ќе дојде со големина од 6,1 инч и ќе ја задржи својата FHD+ резолуција од 2340 на 1080 пиксели. Стапката на освежување ќе биде 120 херци, но и идната година основниот модел нема да ја користи LPTO технологијата кај AMOLED екраните, што значи стапката на освежување нема да оди до 1 херц за заштеда на батеријата.
Исто така се најавува и минимално зголемување на рамката околу екранот, но тоа не би требало да е нешто што ќе може да се забележи.
Меморијата кај Galaxy S23 повторно ќе биде 8GB RAM, како и избор од 128 и 256GB простор за податоци. Батеријата треба да биде поголема и ќе има капацитет од 3900 mAh, заедно со стандардното полнење со 25W, како и 15W безжично.
Камерите на задната страна ќе бидат истите со 50 мегапиксели кај главната, 12 мегапиксели кај ултра широката и 10 мегапиксели кај камерата за зумирање. Сепак се очекуваат одредени промени кај сензорите и оптиката, иако мегапикселите остануваат исти. На предната страна останува 10 мегапикселната „селфи“ камера.
Како што веќе можевме да прочитаме, Galaxy S23 се очекува дека ќе дојде со изменет модул за задните камери, односно него веќе нема да го има, па на задната страна ќе бидат поставени само леќите од секоја камера, како што тоа е случајот оваа година со Galaxy S22 Ultra моделот.
Тоа што можеби ќе привлече најголемо внимание, а посебно за корисниците од Европа, односно и од нашата земја, е чипот којшто ќе се користи. Според најавите, идната година Samsung наводно ќе го користи Snapdragon 8 Gen 2 чипот во сите региони, но таа гласина уште не може да се нарече прилично сигурна.
Доколку овој чип се користи кај сите региони, Galaxy S23 може да привлече доста поголемо внимание кај корисниците кои се размислуваат каков телефон да купат идната година.