nextbitrobin

Можноста за складирање на податоци во „Облак“ не е ништо ново и многумина од нас веќе ја користат со Dropbox, Google Drive или Microsoft OneDrive, но факт е дека се уште не е доволно проширенa и главно се користи за складирање на важни датотеки или полесно споделување.

Nextbit е првиот кој ќе направи исчекор (создаден од бивши вработени во Google и HTC), со лансирањето на Robin, телефонот кој главно се потпира на “Cloud Storage” решението. Проектот се финансира преку Kickstarter кампања, а покрај овој новитет, има и ниска цена и многу солидни спецификации.

Складирањето на податоците во „облак“, односно на надворешен сервер на интернет е вградена во Robin уште во старт. Имено, откако ќе ја наполните меморијата од 32 GB, датотеките почнуваат да се префрлаат на серверот на интернет. Тука, корисникот има иницијални 100 GB простор, но и повеќе од тоа доколку навистина му треба.

Телефонот не само што ќе може да ги префрли сликите, видеата и музиката на надворешен сервер, туку истото ќе може да го прави и со апликациите! Од Nextbit велат дека оперативниот систем, кој е Android, но со неколку измени, самиот ќе одредува кои датотеки ќе се префрлат на „облакот“, односно тоа најчесто ќе бидат оние кои корисникот ги нема отворено подолго време, или пак воопшто не ги користи.

Robin_-_Mint_-_resized.0

Самиот телефон има индустриски дизајн со прилично јасни геометриски форми, со многу мала рамка околу екранот и изгледа прилично модерно и свежо. Екранот има големина од 5,2 инчи во дијагонала, додека процесорот е Snapdragon 808 со шест јадра, кој се користи во многу телефони од високата класа, помогнат од 3 GB рам. Камерите имаат 13, односно 5 мегапиксели, додека батеријата има капацитет од 2680 mAh.

Цената на телефонот, за оние кои први ќе вложат во Kickstarter кампањата изнесува 299 долари, додека за оние кои ќе „закаснат“ ќе биде 349 долари. Официјалната цена, кога ќе биде лансиран телефонот во Јануари наредната година, ќе биде 399 долари, што со оглед на можностите не е многу, но секој што би сакал да го има, мора да се спомне дека ќе користи многу од интернет сообраќајот.

Најинтересно од се е што од Nextbit ветуваат дека нема да престанат тука со “Cloud Computing” и дека во иднина можеме да очекуваме телефон кој нема само да ги складира податоците онлајн, туку ќе користи и надворешна процесорска моќ, што ќе овозможи многу потенки телефони и подолго траење на батеријата, како и подобри перформанси, бидејќи самиот уред нема да има потреба од многу моќен процесор.

Извор: CNET, The Verge, Android Central

Претходна статијаWindows 10 ги надмина Vista и 8 на пазарот
Следна статијаGoogle Chrome автоматски ќе паузира Flash содржина – Чекор поблиску до крајот на овој додаток