Сите имаме некој повозрасен, дали родител, дали баба и дедо, кои сакаат мобилен телефон. Да, мобилен телефон, а не паметен телефон на допир. Причината е едноставна – полесен им е за користење. Nokia 222 е таков мобилен телефон, кој не само што функционира како телефоните од пред 10-тина години, туку има и вграден Facebook. А да бидеме реални, Facebook е омилен кај нашите родители.
Nokia 222 е инаку производство на Microsoft, што беше дел од договорот при купувањето на финскиот бренд. Како и да е, кај овие телефони и не гледаме нешто ново – заоблениот дизајн ни е веќе добро познат со години, како и самиот софтверски интерфејс, со заоблени икони. И мора да кажеме дека и сега изгледа свежо. Колку што може покрај модерните паметни телефони, нели.
Телефонот инаку има 2,4 инчен екран и алфа нумеричка тастатура. Софтверот е Series 30+ и има вградени апликации за Facebook и Twitter, како и Opera Mini прелистувач и Bing пребарувач. За жал, нема Wi-Fi конекција, па корисниците ќе мора да се потпрат на 2G поврзувањето, кое ќе биде веројатно многу бавно.
Камерата има 2 мегапиксели и може да снима видео со само 320х240 пиксели со 15 фрејмови по секунда. И интересно, има LED светилка, која не може да се користи како блиц, бидејќи е поставена во горниот дел. И најважното од се, батеријата со сигурност ќе трае неколку денови…
Nokia 222 има почетна цена од 37 долари, што е многу блиску дури и до некои паметни телефони на Microsoft, а достапна е и dual SIM верзија. Сепак, за оние кои не можат да работат на паметен телефон со екран на допир, ова е едно од ретките решенија денес.
Извор: GSM Arena, Lumia Conversations, BGR