Враќањето на Nokia на пазарот за паметни телефони нема да се случи како што претходно очекувавме, со уреди од високата класа. Сепак, HMD Global максимално се труди и уредите од средната и ниската класа кои ќе ги претстави на MWC, да се интересни за корисникот и ако појдеме од тоа што го нуди Nokia 3, нивниот основен смартфон, тој би можел да биде занимлив уред за оние со поплиток џеб.

Интересно, Nokia 3 ќе има многу слични карактеристики на поголемиот Nokia 5, за кој веќе напишавме некои информации претходно. Единствената разлика е во чипот – наместо Snapdragon 430, кој има 8 јадра, ќе биде вграден Snapdragon 425 со 4 јадра. Иако блиски во моделската линија, ќе има видлива разлика во перформансите меѓу овие два чипови, особено при играње игри (Snapdragon 425 има послаба графика), но и послабиот чип би требал да овозможи солидно искуство за секојдневните апликации.

Останатите карактеристики се исти како на поскапиот брат. Дисплејот има HD резолуција и големина од 5,2 инчи, камерите се 13 мегапиксели назад и 5 мегапиксели напред, додека количината на рам меморијата е 2 GB, а на просторот за податоци 16 GB. Цената на Nokia 3 ќе изнесува околу 150 евра, што е исплатливо со оглед на спецификациите на телефонот.

Nokia 3 и Nokia 5 ќе бидат претставени на MWC во Барселона, покрај нов Nokia 3310 мобилен телефон и веројатно Nokia 6, кој веќе беше претставен за кинескиот пазар. Моделите од повисоките класи на Nokia веројатно ќе бидат претставени подоцна во текот на годината.

Извор: GSM Arena, Android Authority, Tech Radar

Претходна статијаTesla може да достигне вредност од 1 трилион долари до крајот на наредната декада
Следна статијаTesla ќе произведе 200 автономни возила за такси компанија во Дубаи