Очекуваниот смартфон од високата класа на Nokia, кој треба да има Snapdragon 835, најверојатно нема да биде 8-ката, туку Nokia 9 и тој веројатно ќе пристигне покасно. Во меѓувреме, Nokia (HMD Global), ќе претстави два нови смартфони од средно високата класа со Snapdragon 660 чип, кој е исто така прилично моќен наследник на 653-ката.
Nokia 7 и Nokia 8 ќе бидат слични телефони – 7-ката ќе има помал дисплеј со Full HD резолуција, додека 8-ката ќе има дисплеј со Quad HD резолуција. Изборот на овој процесор мене не би ме загрижил – 653-ката е веќе исклучително моќна и разлика во секојдневното користење во однос на Snapdragon 820 скоро и да нема, а истиот случај сигурно ќе биде и со новиот Snapdragon 660 во однос на Snapdragon 835.
Многу поважно за флуидната работа на овие модели е што HMD Global во нив веројатно ќе вградува брза UFS меморија за складирање податоци, која е еден вид SSD за смартфон, а во однос на постарите дискови. Очекувајте ова да придонесе за супер брзо стартување на апликациите, заедно со 4 или 6 GB рам меморија, колку што се очекува да имаат овие модели.
Двата модели се очекува да имаат и моќни камери со сензор со околу 23 мегапиксели, но веројатно без Carl Zeiss леќа каква што користеа телефоните на Nokia порано. Nokia 7 и Nokia 8 ќе бидат изработени од алуминиум, исто како 6-ката, но ќе имаат нов дизајн со многу мала рамка околу дисплејот, кој ќе ги разликува од поевтините модели на брендот.
Овие два модели најверојатно ќе бидат претставени во мај или јуни, но Nokia 9, кој би бил најдобриот модел од производителот, веројатно ќе биде претставен подоцна во текот на годината.