HMD Global, компанијата која стои зад развојот и производството на новите Nokia смартфони со Android, постигна одличен успех со моделите кои ги претстави на MWC во Барселона. Ова е добра најава за тоа што не очекува во блиска иднина – повеќе Nokia телефони, од кои еден ќе биде супер моќниот “9”, кој ќе биде знаменосецот на брендот.
Според Nokia Power User, овој смартфон веројатно ќе биде помоќна верзија на Nokia 8, кој ќе биде претставен оваа пролет. 9-ката ќе има Snapdragon 835 процесор, 6 GB рам, 64 или 128 GB простор и 5,5 инчен AMOLED дисплеј со Quad HD резолуција, што ќе го смести рамо до рамо со Galaxy S8 и останатите смартфони од високата класа кои ќе бидат претставени оваа година.
Се’ уште нема информација за тоа каков ќе биде дизајнот и дали ќе биде футуристички како S8-ката и Xiaomi Mi Mix на пример, но затоа задната камера ќе биде двојна и ќе има еден сензор со високи 22 мегапиксели, додека предната камера ќе има 12 мегапиксели. Исто така, Nokia 9 ќе биде водоотпорен со IP68 рејтинг, ќе има Nokia OZO аудио подобрување, а батеријата ќе биде прилично голема со 3.800 mAh.
Најголема предност на Nokia 9 ќе биде веројатно пониската цена – досега претставените Nokia смартфони на HMD Global имаат многу ниски цени, кои се конкурентни и на кинеските смартфони. Доколку HMD Global успее да го продава Nokia 9 по цена за 20-30% пониска од таа на етаблираните конкуренти, може да има вистински победник.
Извор: Forbes, Nokia Power User, BGR