Пред неполна деценија, финскиот производител Nokia имаше апсолутна доминација на пазарот на телефони, но преодот кон смартфони компанијата не го поднесе најдобро и на крај беше купена од Microsoft, со клаузула во договорот во која тие не смеат да произведуваат свои смартфони до летото 2016 година.
Конечно, од Android Authority излегоа првите информации и фотографии за нивниот нов паметен телефон, кој ќе треба да ги врати на старите патеки. Моделот не е особено иновативен во поглед на хардверот, онаму каде Nokia отсекогаш беше предводник – куќиштето е изработено од пластика со текстура, дисплејот има големина од 5,5 инчи со Full HD резолуција, додека процесорот ќе биде Snapdragon 652. Солидно, но ништо што ќе ви го одземе здивот.
Најголем адут на A1 ќе биде Nokia Z Launcher, кој го менува изгледот на Android оперативниот систем и неговата функционалност. Овој своевиден скин учи од тоа како корисникот го користи својот паметен телефон и го прилагодува почетниот дисплеј на него. Во моментов е достапна бета верзија на Play Store, која има средна оценка од „4,1“ од корисниците, што е многу солидно за толку напреден софтвер, кој реално го менува начинот на кој го користите својот паметен телефон.
Како и да е, A1 веројатно нема да го запали светот како што го правеше Nokia тоа порано, но е најава за тоа што финскиот производител ќе го прави во иднината – многу повеќе нови паметни телефони. Бидејќи поседуваат толку квалитетни инженери и знаење, како и исклучително моќен бренд, јас би рекол дека нивното враќање на сцената нема да помине незабележано. Напротив, сигурен сум дека добро ќе го разнишаат пазарот.
Извор: Android Authority, TechnoBuffalo, Phone Reviews