Своевремено најголемиот производител на мобилни телефони во светот веќе подолго време го најавува своето враќање на пазарот на паметни телефони и тоа со уреди со Android. Тоа конечно ќе се случи на почетокот на наредната година и оваа информација е потврдена од компанијата која е сопственик на Nokia во моментов.
HMD Global, компанија од Финска која е сопственик на брендот Nokia, најави дека за лансирањето на телефоните ќе соработува со маркетиншката куќа Mother, која стои зад кампањите на Coca Cola и IKEA. Ова е одлична вест, бидејќи е најава дека компанијата е сериозна во враќање на брендот на патеките по кои чекореше пред 10-тина години, кога поим за мобилен и паметен телефон беше само Nokia.
Според самата компанија, Nokia е сѐ уште препознатлив бренд во светот и купувачите сѐ уште имаат доверба во него. Со ова целосно би се сложил, бидејќи финскиот производител во ниту еден момент нѐ не разочара со квалитетот на хардверот на своите телефони, дури и оние со Symbian и Windows. Всушност, главниот проблем со овие уреди беше токму изборот на оперативниот систем.
Отсега Nokia барем нема да има проблем со софтверот – нивните телефони ќе користат Android, што отвора простор да посветат поголемо внимание на хардверските иновации, нешто што во минатото го правеа исклучително добро. Ако одиме според нивното минато, очекувам квалитетно изработени смартфони со моќни спецификации и одлична камера, кои ќе бидат вистински трн во окото на конкурентите.
Засега има и протечени информации кои ги потврдуваат тоа, односно велат дека првите телефони ќе имаат 5,2 и 5,5 инчен Quad HD дисплеј, Snapdragon 820 процесор, метално тело отпорно на вода и камера со 22,6 мегапиксели. Возбудени? Јас сигурно сум.
Извор: Techworm, Android Authority, Phone Arena