Дека повторно ќе видиме телефони под брендот на Nokia, овој пат со Android систем, веќе не е прашање дали, туку кога. Според последните информации кои дојдоа директно од компанијата која ги поседува правата за користење на брендот, нови телефони треба да бидат претставени до крајот на оваа или почетокот на идната година.
Правата за користење на брендот сега ги поседува HMD Global Oy, компанија составена од поранешни вработени од Nokia и Microsoft. Тие заедно со Foxconn кои ќе бидат задолжени за производство на уредите, треба повторно да го заживеат познатиот Nokia бренд.
Најавите се дека ќе бидат претставени до 4 нови уреди, а едниот од нив веќе може да видиме со какви карактеристики ќе дојде, благодарение на неговото тестирање на една од достапните апликации за бенчмарк, Geekbench.
Во резултатите на оваа апликација забележан е уред кој го носи брендот Nokia, а е наречен D1C. Од апликацијата може да се види со какви карактеристики ќе биде телефонот, па во овој случај не се работи за телефон од највисоката класа.
Со оглед на најавата за повеќе телефони, очекувано е дека некој ќе биде од пониската класа, па така D1C доаѓа со Snapdragon 430 чипсет со 1.4GHz осум јадрен процесор, Adreno 505 графички процесор, како и 3GB RAM меморија.
Уредот работи на најновата верзија од Android оперативниот систем, односно 7.0, што е и очекувано со оглед на периодот кога треба да биде достапен.
Дефинитивно со нетрпение чекаме да бидат претставени нови телефони кои ќе го носат името Nokia. Од една страна да видиме дали ќе биде задржан квалитетот на дизајн и изработка, нешто што беше карактеристично за овие уреди, но и да видиме како овие уреди ќе бидат прифатени од корисниците.
Извор: TechnoBuffalo, Slash Gear