Своевремено, убедливо најдобрите камери во мобилните телефони или смартфоните се наоѓаа во телефоните на Nokia. Всушност, освен Sony Ericsson, останатите производители не можеа ни да се споредат со технологијата на Nokia, за што голема заслуга имаа леќите на Carl Zeiss.

Zeiss е име во светот на леќите и објективите кое веќе повеќе од еден век стои неприкосновено на врвот со високиот квалитет и прецизност во изработка на своите стакла. Нивните леќи му овозможуваат на сензорот да прими повеќе светлина, да извади поостри фотографии и сето тоа во помало пакување. Затоа, најавата дека новите Nokia смартфони на HMD Global ќе бидат со Zeiss оптика е прилично позитивна за компанијата.

Секако, ова не значи дека Nokia смартфоните инстантно ќе имаат најдобри камери од сите смартфони – за добра фотографија денес се многу важни и квалитетот на сензорот, како и тоа како самиот смартфон ја преработува фотографијата. Сепак, Nokia дефинитивно ќе има со што да започне – уште во старт комбинацијата на Zeiss оптика со малку поквалитетен сензор би требало да извадат прилично добри резултати.

Првиот смартфон на Nokia со Zeiss оптика најверојатно ќе биде од високата класа со ознака “9” и истиот ќе има двојна камера, слично на многу негови конкуренти.

Покрај тоа што ќе има Zeiss оптика, другите детали не се познати, односно колку мегапиксели ќе имаат сензорите итн.

Сепак, јас ќе останам скептичен околу целата ситуација, бидејќи HMD Global скоро да нема ниту еден од инженерите на Nokia од минатото, кои ги направија PureView камерите толку популарни, како оние во Nokia 808 (на фотографијата) или Nokia Lumia 1020 (некои од нив се во Apple).

Извор: The Next Web, Trusted Reviews, AnandTech

Претходна статијаЗаморот кај возачите: симптоми, причини и последици
Следна статијаRED го претстави првиот „холограмски“ смартфон наречен Hydrogen One